Ќе направиме нешто многу радикално што ќе ги изненади сите, доколку Исмаил Морина биде екстрадиран во Србија.
Вака се закани семејството на Исмаил Морина, кој е осомничен дека управувал со дронот што носеше националистички транспарент над стадионот во Белград за време на натпреварот помеѓу фудбалските репрезентации на Србија и Албанија, одигран во октомври 2014 година.
Неговиот брат Џеваир се пожалил за телевизијата „Репорт“ дека владата во Тирана не обраќа доволно внимание на случајот на неговиот брат и тврди дека животот на Исмаил ќе биде загрозен во Србија.
-Ја повикуваме државата Албанија да интервенира и да ја сопре екстрадицијата. Ние, како семејство ќе направиме нешто многу радикално кое што ќе ги изненади сите, изјавил Џеваир, не откривајќи го својот план.
Инаку, Исмаил е по потекло од Кукеш на североистокот на Албанија, но живее во Италија и редовно ги посетувал натпреварите на албанската репрезентација.
По појавувањето на дронот над стадионот, веднаш избија серија на насилства на теренот, а Морина бил уапсен во јуни во Хрватска врз основа на распишаната потерница на српските власти.
Судот во Дубровник одобри екстрадиција на 35-годишниот Албанец во Белград.
Фудбалскиот сојуз на Албанија застана целосно зад Морина и го уверил семејството дека ќе сторат сѐ што е во нивна можност за нивниот син да се врати дома.
Албанската фудбалска федерација ги повика албанските власти да ја запрат екстрадицијата во Србија на Морина кој е обвинет дека управувал дрон со албанско знаме над стадионот во Србија, предизвикувајќи насилство меѓу навивачите.