Денеска се потпиша еден историски договор меѓу две братски држави кои делат заедничко минато и чекорат кон својата заедничка евроатлантска иднина во структурите на ЕУ и НАТО.
Нашето здружение, кое е на отворени проевропски позиции не може, а да не ги поздрави двајцата премиери Заев и Борисов за европската лекција која денеска им ја одржаа на македонската и на бугарската јавност.
Заев и Борисов, како што доликува на одговорни државници јасно и гласно истакнаа дека потпишаниот договор ќе биде корисен и за двете држави потписнички.
Според нас договорот е прекрасен почеток на едно ново време во меѓудржавните односи меѓу Бугарија и Македонија. Таквиот договор требаше да биде потпишан одамна и веќе да биде спроведен за доброто на луѓето од двете страни на границата. Чест им прави на Заев и на Борисов дека се нафатија да го „скршат мразот“ помеѓу двете земји и покрај незадоволството на одредени кругови тука и во Бугарија.
Силно се надеваме дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство, односите меѓу Македонија и Бугарија ќе се подобрат. Ние работиме од самото свое создавање на тоа поле и денешниот настан го сметаме и за наша голема победа, бидејќи вредностите за кои ние се залагаме веќе се дел од државната политика на Скопје и Софија. Ние успеавме!
Пред нас е иднината и треба да гледаме напред. Како што изјави г-нот Борисов, ако одиш напред, а си свртен назад, ќе се сопнеш. Ние стоиме тврдо зад ставот дека на Македонија и е доста од сопнувања, таа треба да се исправи и да зачекори по единствениот пат кој од А до Ш е во склоп со нејзините државни интереси. За нас пред Македонија нема друг пат освен европскиот и сме горди што токму од нашиот главен град Скопје, Балканот испрати една многу важна порака до Брисел, а имено, доста ни е од поделби и препукувања, време е за пријателство и просперитет.
Сакаме да подвлечеме дека ние како здружение секогаш сме работиле, работиме и ќе работиме, токму затоа, да градиме мостови и контакти од кои ќе имаат интерес сите без разлика дали се државјани на Бугарија или на Македонија.
Ние сме против стереотипите во минатото и затоа го поздравуваме напорот на Борисов и Заев да работат за релаксирањето на односите и започнувањето на голем број проекти од огромно економско значење за двете земји, бидејќи тоа е патот кон напредокот.
Ние сме против, државјаните на двете братски земји да бидат заложници на одредени наталожени недоразбирања од минатото. Македонија и Бугарија можат да ги надминат сите недоразбирања и да зачекорат рамо до рамо кон својата заедничка иднина.
Силно се надеваме дека после овој историски чин, кој денеска се случи во Скопје, повеќе луѓе ќе сфатат дека отровот на пропагандите од минатото веќе не смее да ги трови односите меѓу двете земји. Веруваме дека бројот на луѓето, кои за жал, се уште се хранат со омраза и ја шират истата таа омраза ќе се намали, бидејќи веќе живееме во друго време.
На дневен ред сега се други работи, а имено инфраструктурни проекти, трансгранична соработка, размената на идеи, освојувањето на парични средства од еврофондовите за развој. Има еден куп работи кон кои можеме да ја насочиме нашата енергија, наместо да ја трошиме на омраза и непотребно самодокажување.
Македонија и Бугарија го направија првиот чекор напред, да се надеваме дека после него ќе дојдат уште многу позитивни примери за тоа како треба да живеат две братски држави, какви што се нашите две земји.
Здружение Македонско – Бугарско пријателство