fbpx
-6.2 C
Skopje

Заев: Очекуваме Македонија да стане 30. членка на НАТО

АКТУЕЛНО

Македонија ја интензивира соработката со земјите од регионот и очекува да стане 30. членка на НАТО, изјави македонскиот премиер Зоран Заев денска во Подгорица каде што учествува на Самитот на земјите од Јадранската повелба со потпретседателот на САД Мајк Пенс.

Заев во обраќањето на Самитот нагласи дека членството на Црна Гора во НАТО претставува охрабрување, бидејќи покажува оти сите можат да се издигнат и да придонест за колективните потреби, но и за потребите и интересите на своите граѓани.

– Очекуваме Македонија да стане 30. членка на НАТО. Енергично работиме за соработка во регионот, се отвораме кон соседите. Вчера го потпишавме Договорот за добрососедство со Бугарија, а ја интензивираме соработката и со другите земји во регионот, истакна Заев.

Овие чекори што ги презема новата Влада во Скопје, според него, треба да придонесат за развој на Македонија и на регионот. Заев изрази надеж дека тоа ќе го поттикне и забрза процесот на интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ.

Тој најави дека Македонија во иднина поактивно ќе се вклучи во мисиите во НАТО и ќе го зголеми буџетот за одбраната.

– Охрабрени сме од оптимизмот, вербата и поддршката од нашите граѓани, како и од поддршката од САД. Тоа е силен мотив како премеир да ја оправдам довербата и да ги остварам очекувањата.Тоа што денеска со нас е потпретседателот на САД покажува дека Македонија и земјите од Западен Балкан имаат верен партнер. Свесни сме дека регионот и овој дел од светот е стратешки дел за глобалната безбедност, рече Заев.

Македонскиот премиер, заедно со премиерот на Црна Гора Душко Маровиќ, е кодомаќин на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба со која претседава Република Македонија. Предведено е Заев денеска во Подгорица да има билатерална средба со американскиот потпретседател Пенс.

На Самитот на земјите од Јадранската повелба учествуваат и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ и на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и на земјите набљудувачи, Србија, со премиерката Ана Брнабиќ, Косово со претседателот Хашим Тачи и Словенија со премиерот Миро Церар.

Во составот на делегацијата на Република Македонија се и заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска, заменик на претседателот на Владата, задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем Хазби Лика, министерот за надворешни рабти Никола Димитров и пратеникот Стево Пендаровски.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -