Вчера пред македонската јавност пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ предложи предлог закон за издавање на вредносни бонови – ваучери за студенти. Со овој предлог закон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ сака да излеземе во пресрет на сите редовни студенти кои што не се во можност да си дозволат да купат компјутер, како и да се помогне и на лицата со посебни потреби кои се исто така студенти и студираат на некој од високо образовните установи во Република Македонија, истакна Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Со предлог законот предлагаме издавање на вредносни бонови – ваучери за обезбедување на компјутери за редовните студенти од семејства во кои месечните приходите не го надминуваат износот од две просечни месечни нето плати, односно 45.344 денари нето приход и кои за прв пат се запишани во трета и четврта година на студии на високо образовните установи во Република Македонија. Овие ваучери студентите ќе можат да ги искористат во трговски друштва и трговци поединци кои се регистрирани за дејности поврзани со трговија, одржување и поправка на компјутери како финансиска помош-субвенција при купување компјутер, врз основа на името и презимето на студентот, бројот на индексот, бројот на личната карта односно патна исправа, серискиот број на ваучерот и личен потпис на студентот врз основа на пополнет формулар за купување на компјутер со ваучер, подвлече таа.
Доколку, СДС, додаде Ласовска, се однесува како одговорна власт и ги стави во преден план потребите на студентите, а не партиските потреби тогаш ќе го усвојат овој предлог закон.
-Овој наш предлог е реален, издржан, конструктивен и аргументиран, и кога ние бевме на власт ние го реализиравме што значи дека кога СДС би имал искрен однос кон студентите и би имал волја за помош би требало да го подржи овој закон. ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт докажа дека секогаш на прво место им беше подобрување на животот на студентите. Тоа го докажавме со низа мерки кои ги спроведовме се со цел за подобрување на условите за живеење на студентите. Искрено се надеваме дека СДС сега ќе се однесуваат зрело и ќе го поддржат предлог законот за вредносни бонови – ваучери за компјутери за студентите кои не можат да си дозволат да си купат компјутер, рече Ласовска и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ без разлика дали е на власт или во опозиција и понатаму ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните и нивните потреби.