13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Двајца загинати кога мал авион принудно слета на плажа во Португалија

Две лица загинаа кога мал авион со двајца патници прнудно слета на една плажа во близината на Лисабон, соопшти португалската полиција.

Жртвите се еден 56-годишен маж и осумгодишно девојче, кои биле меѓу луѓето кои се капеле и се сончале на плажата во местото Капарика, околу 35 километри јужно од португалскиот главен град.

Песочната плажа била полна со капачи поради топлото и сончево време, кога пилотот на малиот авион поради ненадејни технички проблеми го насочил леталото кон широката плажа.

Кога лугето забележиле дека им се приближува авионот настанала паника, па додека едни бегале кон копното, оние најблиску до водата, се фрлале во океанот.

При атерирањето во песокот левото крило на авионот се скршило, но пилотот и неговиот патник останале неповредени.

Интервенирала полицијата која го уапсила пилотот.

Засега не е јасно како настрадале двете жртви, но локалните медиуми јавуваат за големиот гнев кај жителите на местото и посебно на оние на плажата за однесувањето на пилотот кој спасувајќи се себе си, изложил на опасност повеќе стотина луге.

Во соопштението, полицијата отфрла секаква можност дека инцидентот претставува терористички напад.

поврзани објави

Последни објави