Новиот директор на Македонската опера и балет (МОБ) Илија Рајковски вели дека не е член на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ) на Стевчо Јакимовски и дека без негово знаење некој го поставил за член на Централниот одбор на оваа партија. Според одлуката објавена на вебстраната на ГРОМ од седницата на партиското собрание одржана на 19 февруари годинава, Рајковски е еден од 155-те членови на централниот одбор.
ГРОМ е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ и заедно одеа и на последните парламентарни избори.
„Не сум член на ГРОМ, некој без мое знаење и дозвола ме ставил да бидам член на Централниот одбор“, вели Илија Рајковски.
Рајковски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не знае како се нашол во Централниот одбор на партијата, кога одамна се разминале со идеологиите кои ги застапува ГРОМ.
„Еден период јас се одалечив малку од СДСМ, иако моите убедување и на моето семејство секогаш биле социјалдемократски. Кога Стевчо Јакимовски си замина од СДСМ и ја формираше партијата ГРОМ, ми понуди да бидам член. Но откако почна ГРОМ да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, не се сложував со таквата идеологија, и повторно се вратив во СДСМ. Не сум член на ГРОМ, некој без мое знаење и дозвола ме ставил да бидам член на Централниот одбор“, вели Рајковски.