11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

ВМРО-ДПМНЕ: Таравари и Заев прават масакр во здравството

Неодговорноста и неморалот на СДС добиваат загрижувачки димензии. Дел од новите директори низ скопските клиники се целосна копија на Зоран Заев и неговиот начин на владеење, чија главна карактерна црта е барањето на поткуп и криминално владеење и управување, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Таравари и Заев разрешиле над 60 директори на клиники и здравствени установи, лица кои се професионалци во својата област, за на нивно место да назначат луѓе со криминално минато, осудени за барање поткуп, за да дадат услуга која како лекари се должни да ја дадат на секој еден пациент без притоа да бараат материјална корист.

„Директорот на клиниката за уво, нос и грло, Јане Нетковски јавноста го виде како е апсен за мито и му беше поднесена кривична пријава. Новиот пак прв човек на скопска Пулмологија, Дејан Докиќ е лице со судска пресуда за примање на поткуп во висина од стотици евра  кои биле пронајдени кај него, со цел да издејствува преглед на пациент. Да добро слушнавте! За да издејствува преглед на пациент! Ова не е дно, ова е подолу од дното! Прашање на време е кога здравството во Република Македонија ќе западне во тотален хаос и безредие“, изјави Костовски пред Клиника за пулмологија и алергологија. 

Тој додава дека СДС ја деградира медицинската професија, СДС ги омаловажува сите лекари кои чесно и одговорно си ја вршат својата работа и должност со назначување на докажани митаџии за нивни директори.

„Ваквото поставување на докажани митаџии за директори не е ни малку случајна. Треба да се запрашаме која е пораката која Заев и Таравари сакаат да ја испратат до македонските граѓани и лекари со поставување на митаџии за директори на здравствените установи, пораката е јасна, се ќе оди по принципот на „евро за црквата, евро за Вицето“. Со поставувањето на кадри како Докиќ, СДС упатува јасна порака до граѓаните што би ги очекувало доколку се појават на лекар и побараат некоја здравствена услуга која ги следува согласно закон“, вели Костовски, додавајќи дека „ Таравари и Заев го претвораат македонското здравство во колатерална штета на нивното неодговорно владеење. Таравари и Заев спроведуваат вистински масакр во македонското здравство уништувајќи го професионализмот и деградирајќи го професионалниот кадар, за на нивно место да назначат докажани митаџии“.

 

поврзани објави

Последни објави