Тетка Нада која има 84 години, а за Манчестер јунајтед навива 53 години, ќе биде гостин на ФФМ на УЕФА Суперкупот, нејзината голема желба се исполни.
Тетка Нада Скерлев, пензионер лекар педијатар е еден од најстарите фанови на Манчестер јунајтед во Македонија, за клубот навива повеќе отколку Сер Алекс Фергусон, но не доби билет по регуларен пат.
Сепак за вистинските фанови на Манчестер јунајтед, особено со педигре какво што има Тетка Нада, секогаш постои начин. Нејзината ќерка преку социјалните мрежи ја раскажа приказната, а таа стигна и до луѓето од Фудбалската Федерација на Македонија кои излегоа во пресрет и и обезбедија место на Арената „Филип Втори“.
„Почитуваната госпоѓа Нада Скерлев, пензиониран лекар педијатар, која има 84 години е страствен навивач на Манчестер Јунајтед ќе биде дел од фудбалскиот спектакл на 8. Август на Националната арена „Филип Втори“ меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.
Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија Филип Поповски, кој како и госпоѓа Нада ја дели истата страст за „Црвените ѓаволи“ денеска ја покани да биде гостин на ФФМ на финалето од Супер Купот“ – стои во соопштението на ФФМ.
„Благодарност до ФФМ, ова за мене ќе биде неповторливо чувство. Пресреќна сум што ќе го гледам мојот омилен тим во Скопје“, вели госпоѓа Нада Скерлев.
Тетка Нада за Манчестер јунајтед навива од 1958 година и досега посетила многу натпревари на својот тим, но овој кој се игра во нејзиниот град ќе биде посебен.
Извор: 24Фудбал