23.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024

Доста ни е од црни годишнини

Денеска се навршуваат 16 години од трагичниот настан кај Карпалак, кога во заседа на терористите од ОНА загинаа 10 припадници на македонските безбедносни сили од Прилеп и околината на градот. На денешен ден во 2001 година животот го загубија: Нане Наумоски (48), Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29), Марко Деспотоски (27), Ердован Шабаноски (20), Љубе Грујоски (31), Дарко Велјаноски (27) ,Веби Рушитоски (26) и Пеце Секулоски (29).

Поминаа 16 години од војната во Македонија. И двете страни во конфликтот беа искористени, за една клапа на луѓе да се намести таму каде што е за  да биде секогаш на линија. Тоа е вистината, нема што да се лажеме. Храброста и саможртвата и на бранители и на „агресори“ беше добро „оновчена“ од одредени кругови.

Денеска истите тие кругови преку своите евтини слуги повторно се активизирани. Еднаш гледаат 3000 косовски терористи што се „на готовс“ за влез на македонска територија, после пак ги снемува, за да се појават повторно во уште поголем број. Тие провокации и отровот што го произведуваат, можат да направат од секој просечен непрошетан дебил, машина која само што не го земала ножот и не почнала да коли „Шиптари“… По стар српски обичај бидејќи за тие кои не знаат, Македонците и „Шиптарите“ никогаш не биле историски непријатели, напротив многу пати биле сојузници против заедничкиот непријател. Додека ние се тресеме од виртуелно наметната закана за шиптаризацијата на Македонија,  нашата земја тоне. Токму, тоа тонење ќе биде запрено од сите оние на кои животот им е во Македонија. Без разлика дали се Македонци, Албанци, Власи, Турци, Срби итн.

Доста ни е од црни годишнини. Доста ни е од старо-новите потпалувачи на неразбирачката. Македонија мора да оди напред за заедничко добро на сите. Тие што деновиве мавтаат со некаков аркановски патриотизам, утре ќе избегаат далеку од првите борбени линии, ако сме толку ненормални да ги подвлечеме токму тие линии. Ќе се спасат, сите тие си имаат по една резервна татковина, а некои си имаат и полуостров на Белото море.

Нивниот ли патриотизам ќе го мериме и нашата земја ќе ја смируваме и спасуваме. Одлучете си сами. Бог нека ги прости хероите од Карпалак и сите загинати од 2001 година. Сите тие без разлика од која страна и да беа, се жртва на истите тие кои и денес повторно се обидуваат да не отрујат со омраза. Вашата платформа нема да помине. Вие сте минато. Македонија ќе успее.

Пишува: Батко Тане

 

поврзани објави

Последни објави