На 5 март 2017 во белградскиот весник „Политика“ се појави написот на Мирослав Лазански, „Не дамо Македонију“. Тогаш емотивниот крик на стариот УДБаш Лазански беше предизвикан од т.нар и тогаш актуелна „тиранска платформа“. Денеска после речиси половина година откако ова ремек дело на „режимското новинарско перо на Милошевиќ“ ги разбрани духовите во „нивната“ Македонија, јас во негов стил сакам да извикам: „Мирка не ви ја даваме!!!“ Таа ни е потребна како сонцето и водата. Ние не знаеме како без неа. Таа беше арна со Бранко, му се упикуваше на Љубчо, му беше адвокат на Груевски. Таа е нашата Јованка Орлеанка и нема да ви ја дадеме туку така.
Фактот што Самсоненко најави заминување од својата позиција во фудбалскиот и ракометниот клуб „Вардар“ ме потресе. Што ако и на Мирка и текне да го фати патот? Што ќе праеме после ние недомакедончените, непутинизирани суштества, на кои таа онака аристократски и од хумани побуди сака да ни ги отвори очите? Кажете што?
Која ќе биде нашата алтернатива? Ете како алтернатива на ЕУ, знаеме дека постои Евразиската Унија на Путин (унија која блеска со демократски избраните претседали на Беларус и Казахстан). Како алтернатива на Самсоненко, може да се појави некој друг финансиски могул од типот на Аврам Глејзер (пратен од Бејли, да го „уништи“ Вардар) или пак некој поскромен бизнисмен како Гриша Ганчев ( еден од спонзорите на ЦСКА Софија) испратен со истата ѓаволска намера од амбасадорот на Бугарија, Неговата Екселенција г-нот Иван Петков. За се може да се најде алтернатива, само треба мерак да се има. Само Мирка е без алтернатива и затоа нема шанси да ви ја дадеме.
Пишува: Батко Тане