Меѓународната заедница ќе инсистираат на соломонско решение, да добиеме покана за членство во НАТО без да има промена на името, вели професорот.
Нашиот спас, за сите зборувам во Македонија, без разлика на етничка припадност, е брзо зачленување во НАТО, изјави професор Мерсел Биљали во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тој вели дека коку што располага со информации, меѓународната заедница или главните креатори на НАТО ќе инсистираат на некакво соломонско решение, Македонија да добие покана за членство во НАТО без да има промена на името, па потоа да се даде некој рок да се преговара.
– Мислам дека Македонија со брзи чекори треба да тргне кон зачленување во НАТО, па и во ЕУ, што е друга постапка, затоа што уште повеќе ќе постои загрозеност за егзистенцијата како држава, па и како регион. Затоа што секој можен конфликт во Македонија може да го зафати целиот регион, а и секој конфликт од регионот може да ја опфати Република Македонија. Нашиот спас, за сите зборувам во Македонија, без разлика на етничка припадност, е брзо зачленување во НАТО. Дали е тоа реално? Мислам дека НАТО алијансата, членките и важните фактори на Алијансата се многу спремни да направат многу за брзо да бидеме примени, што за нас ќе значи егзистенција, развој, па и демократија – вели Биљали.
Во врска со имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, од чие потпишување денеска се одбележуваат 16 години, тој вели дека недостасува срповедување на практичниот дел од договорот, за што дел од вината ја лоцира кај албанскиот субјект.
– Од нормативен аспект многу е имплементирано, меѓутоа во практичниот дел многу работи останаа неимплементирани. За жал тука вината е и кај самиот албански субјект. Наша рак рана е партизацијата на институциите и на општеството како целина. Наместо Рамковниот договор да стане инструмент на една граѓанска рамноправност на луѓе со еднакви можности, стана инструмент на партизирани односи и партиски интереси – вели Биљали.