30.8 C
Skopje
Thursday, June 20, 2024

Османи: Владата се фокусира на прашањето на името

Владата во следниот период ќе се фокусира на прашањето на името со цел забрзување на евроинтеграциите, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Тој нагласи дека и неговите посети денеска на Берлин и месецов на Атина, како и најавената посета на шефот на грчката дипломатија Коѕијас на Македонија на крајот на месецов, се во тој правец.

– Ова прашање веќе станува приоритет на Владата. Ние завршивме две крупни прашања – прашањето на јазикот и на договорот со Бугарија. Сега имаме енергија да се фокусираме на прашањето на името. Очекуваме на тој пат да имаме што повеќе пријатели и затоа е целата активност на оваа Влада во комуникација со сите држави, но и со нашиот јужен сосед и со останатите соседи. Да ја искористиме оваа позитивна клима која што ја има во државата, во регионот, во Брисел, во земјите членки на ЕУ, да ги затвориме прашањата и да направиме суштинско прекршување во правец на евроинтеграциите, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање пред денешната средба со амбасадорите на земјите од Западен Балкан.

Имајќи го предвид претседавањето на Бугарија со ЕУ кое почнува на 1. јануари, тој нагласи дека на средбите со бугарската министерка за надворешни работи веќе е разговарано за тоа Софија да организира состанок со земјите пријатели на Македонија и на амбасадорите во ЕУ каде земјата би ги претставила своите планови за реформи.

– Многу е важно сите три земји кои ќе претседаваат со ЕУ во наредните три циклуси, почнувајќи од Бугарија, Австрија и Романија, имаат интереси во регионот и сакаат тој да не остане „црна дупка“ во ЕУ и НАТО и ќе го подигнат високо на агендата на нивното претседавање. За нас е многу важно да го искористиме тој момент кога фокусот на ЕУ ќе биде вратен и да испорачаме. Ако ние испорачаме се разбира дека и ЕУ ќе испорача, рече Османи.

Во однос на спроведувањето на итните реформски приоритети предвидени со Планот 3-6-9 тој изрази задоволство од динамиката на неговата реализација и покрај блокадата на работата на Собранието, бидејќи, вели, тие не опфаќаат измени на закони ниту системски решенија туку се мерки со кои се одредуваат правците како ќе се движат реформите.

– Во првиот месец се реализирани една третина од мерките, за неколку дена ќе излеземе со пресек за половина од периодот од три месеци. Ние сме задоволни од динамиката, од тоа како реагираат другите институции кои се независни од Владата, а кои имаат одредени надлежности во делот на спроведување на мерките и со сите нив како Секретаријат имавме координативни средби и секој ден се испорачува по некоја мерка, рече Османи.

Инаку, Стратегија за проширување на ЕУ, добрососедските односи, Берлинскиот процес и регионалната соработка која произлегува од него, поефикасното користење на ИПА фондовите, размена на информации од заеднички интерес и меѓуграничната соработка се темите на денешниот работен појадок на кои ќе разговараат вицепремиерот за европски прашања и амбасадорите на земјите од Западен Балкан.

На средбата, иницирана од Секретаријатот за европски прашања (СЕП), поканети се амбасадорите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и на Србија и е прва од серијата предвидени редовни координативни состаноци со амбасадорите од регионов.

поврзани објави

Последни објави