3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Премиерот Зоран Заев побара термин од Претседателот на Собранието Талат Џафери за да одговара на пратенички прашања

Премиерот Зоран Заев денес испрати писмо со честитка за 100 дена раководење со Собранието до претседателот на парламентарниот дом, Талат Џафери и побара термин за одржување на неделни, тематски пратенички прашања.

„Ве молам примете ги моите искрени честитки за Вашето раководење со Собранието во првите 100 дена, во насока на постигнување на поголема транспарентност на законодавниот дом и негово приближување до граѓаните.

Како што сте веќе запознаени, на почетокот на својот мандат, Владата на Република Македонија го усвои Планот 3-6-9 со цел забрзано одмрзнување на процесот на Европска интеграција на земјава.

Во делот на Планот, кој се осврнува на Собранието на Република Македонија, Владата се обврза на целосна поддршка на низа мерки со цел враќање на демократскиот амбиент во оваа клучна институција, низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии, вклучително и со опозицијата. Владата е спремна да даде свој придонес во обезбедувањето на услови за целосна имплементација на договорените препораки по немилите настани од 24/12/2012, поврзано со насилните настани од 27/04/2017.

Во таа насока Владата, односно коалиционите партнери и мнозинството во Собранието, во отворена и искрена соработка со опозицијата, ќе се погрижи надзорната функција на Собранието и собраниските тела над работата на Владата и нејзините безбедносни и разузнавачки служби, да биде редовна и рутинска. Мнозинството ќе се залага и за поголема соодветна вклученост на граѓанското општество во дискусиите на собраниските тела.

Владата ги поздравува чекорите на Собранието за исполнување на одредбите од Планот 3-6-9 како реактивирањето на Клубот на пратенички и Постојаната анкетна комисија, како и отпочнувањето на работа на двете комисии за надзор на службите. Се радуваме на идната соработка со нив.

Во контекст на целосното спроведување на Планот, би сакал да ја изразам недвосмислената подготвеност на Владата за одржување на неделни, тематски пратенички прашања во траење од еден час, во време и формат кој Вие ќе процените дека е најсоодветен и согласно Вашите внатрешни процедури. Дополнително, Владата активно се залага за вклучување на Собранието во реформата на разузнавачките и безбедносните служби, која моментално е во тек. Владата исто така се обврзува и прифаќа задолжително елаборирање пред собраниските тела на предлог законите на експертско ниво.

Во наредниот период, Владата ќе ги подготви следните активности од Планот 3-6-9. Ве поканувам, заедно со Вас и Вашите колеги, заеднички да ги усогласиме следните реформски чекори кои ќе го зајакнат демократскиот амбиент во земјата и особено во Собранието на Република Македонија и повторно ќе отворат европската перспектива на нашата земја“ се вели во писмото на Заев.

поврзани објави

Последни објави