Два месеца затвор му изрече судот на кавадаречкиот градоначалник Александар Панов за поткуп при избори и гласање. При изрекување на пресудата, судијата Лазар Нанев кажа дека за делото е предвидена парична казна или казна затвор до една година.
„Согласно законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, делото се класифицира во петта хоризонтална категорија каде врз основа на податоците за личноста се класифицира во прва вертикала бидејќи е неосудуван досега, за што законодавецот утврдил парична казна од 5 до 120 глоби или затвор од 30 дена до два месеца“, кажа судијата.
Панов ја доби максималната предвидена казна, а таа ќе се изврши по правосилност на пресудата.
Според обвинението кое го соопшти застапникот на обвинителниот предлог јавната обвинителка Елизабета Мишева Јорданова на главната расправа при претходното судско рочиште, на обвинетиот Александар Панов на товар му се става кривично дело поткуп при избори и гласање.
„Обвинетиот во својство на градоначалник на општина Кавадарци на 09.12.2016 година околу 13.30 часот два дена пред парламентарните избори, во својата канцеларија во зградата на општина Кавадарци на лицето Сали Мемедов и на уште две непознати женски лица кои имаат избирачко право, со намера да го придобие нивниот глас во корист на партијата ВМРО-ДПМНЕ на која е член, од фиоката на работното биро извадил три банкноти од по илјада денари и им ги дал како подарок“, стои во предлогот на Обвинителството.
ред обвинението, тројцата, два дена пред изборите на 11 декември, се потпишале на бел лист хартија.
„Притоа обвинетиот им рекол ние сме за да си помогнеме еден со друг и да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ“, стои во него.
Обвинителката рече дека во прилог на обвинителниот предлог располагаат со доволно докази.
Од вербалните и писмените докази кои беа изведени, сметам дека се докажа делото, нагласи таа на претходното судско рочиште, кажувајќи ги своите завршни зборови.
Таа тогаш предложи до судот обвинетиот да биде прогласен за виновен и имајќи ги во предвид сите отежнителни и олеснителни околности, да му изрече кривична санкција со која ќе се постигнат целите на казнувањето.
Извор: СДК