Во покраината Баскија, меѓу северниот шпански град Ирун и југозападниот француски град Хендаја, тече реката Бидасоа. На средината на реката, која ги раздвојува Шпанија и Франција, се наоѓа територија со посебен статус, Островот на фазаните.
Островот на фазаните е кондиномиум, земја, со која заедно управуваат две држави. Станува збор за најмала и најстара територија со таков статус. Петте илјади квадратни метри на островот шест месеци годишно припаѓаат на Шпанија, а преостанатите шест на Франција. Минувачите можат да го видат од двете страни на брегот на Бидасоа, оддалечен е се на се 50 метри од францускиот брег и исто толку од шпанскиот.
https://www.youtube.com/watch?v=MlP-hhiBAwI
Островот е ненаселен и не е можно да го посетите. Пристап имаат единствено војници од шпанскиот град Сан Себастијан и францускиот град Бајоне, за да го одржуваат додека е под нивна јурисдикција.
„Бара малку внимание“, вели шпанскиот наредник, Рафаел Преито за Ел Паис. Тој управува со островот до 31 јули и им го предава на Французите за следниве шест месеци. „Луѓето ги почитуваат правилата, па никој не се обидува да му пријде на островот. Некогаш нивото на вода е толку ниско така што може дури и да се препешачи до него. Ние обично доаѓаме на секои пет дена, со цел да изврши рутинско одржување“, вели тој.
На островот нема споменици, освен една плочка, која укажува на неговото место во историјата. На тоа место е потпишана Пиринејската повелба на 7 ноември 1659 година, со што е завршен судирот почнат во текот на Триесетгодишната војна. Со оглед на тоа дека статусот на територијата претходно не бил дефиниран, со една од клаузулата на Повелбата островот е прогласен за неутрална територија.
Островот на фазаните преку ден ги симболизира мирот и соработката меѓу Франција и Шпанија. На него се одржани неколку кралски венчавки, но и размена на затвореници.
Островот долго време бил во мир, кој последен пат е нарушен во 1974 година, кога неколку членови на баскиската вооружена сепаратистичка група ЕТА се обидоа да ја премине границата. Ги уапси шпанската полиција покрај островот. Операцијата заврши со убиство на еден полицаец и еден милитант.
Заговорниците на создавањето на државата Баксија, во северна Шпанија и југозападна Франција сметаат дека на ова место не би требало да постои некаква граница, бидејќи во прашање е татковината на Баскијците.
Најголема опасност за островот била можност за неговото исчезнување, со оглед на тоа дека со векови се намалувал поради ерозијата. Но овие две држави се договориле и презеле заеднички мерки за негово зацврстување, што се покажа како успешно. Денеска е долг 215 и широк 38 метри.
„Во очи ми паѓа тоа што на Островот на фазаните воопшто и нема фазани“, се жалел францускиот писател Виктор Иго за време на посетата во 1843 година. „Таму имаше една крава и три патки, веројатно изнајмени пред посетителите да ја играат улогата на фазан“, додава Иго.
Според некои мислења оригиналното име било Остров Паусан (Paussan). Други велат дека се викал Остров Фаизант (Faisant). Како и да е, сегашното шпанско име Isla de los Faisanes, односно француското Ile des Faisanes или на македонски Островот на фазаните не ја одразува реалноста. Фазани нема ни за лек!