Синоќа со концерт на Сергеј Четковиќ почна големата летна забава „Супер Скопје“, а на првата вечер присуствуваа неколку илјади луѓе.
Скопскиот градоначалник, Коце Трајановски на Фејсбук објави фото-галерија од синоќешната забава.
-Вчеравечер неколку илјади лица присуствуваа на концертот на Сергеј Четковиќ на Кеј 13 Ноември. Со ова и официјално започна Супер Скопје. Се гледаме вечерва на Бајага и Инструктори, се вели во постот на Трајановски.
Во рамки на „Супер Скопје“ вечер на Кејот „13 Ноември“ во главниот град ќе настапат „Бајага и Инструктори“.
Покрај неколкуте илјади граѓани и градоначалникот Трајановски, на „Супер Скопје“ присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и претседателот на Унијата на млади сили на партијата Владимир Нелоски.
Во наредните петоци и саботи манифестацијата ќе се одржува на различни локации и тоа во Старата скопска чаршија, улицата „Македонија“ и Боемската улица во Дебар Маало.
Наредниот петок и сабота во чаршијата ќе настапат: Трикс, Гоца Тржан, Цена и Гоце САФ (25 август на плоштадот Скендербег) и Оркестра, Фанки Гуру, Енерџи бенд и Фиц – Студени нозе (26 август на плоштадот пред „Свети Спас“).