6.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Кога веќе не може Бејл, ќе го земат неговиот наследник: Мурињо ја сака најголемата млада ѕвезда во Англија

Португалецот е подготвен да го заокружи фантастичниот преоден рок на „Олд Трафорд“.

Манчестер Јунајтед се уште не го завршил преодниот рок, а идеален крај на ова лето би претставувал ангажманот на еден од најголемите англиски таленти. Според информациите на „Скај Спорт“, Жозе Мурињо покажува значителен интерес за суперталентираниот фудбалер на Фулам Рајан Сесењон.

Тотенхем од претходно се споменуваше како клуб кој е заинтересиран за 17-годишниот крилен фудбалер од „Крејвен Котиџ“, кој минатата сезона одигра 26 натпревари во Чемпионшип.

Младинскиот репрезентативец на Англија може подеднакво добро да игра било каде по левата страна, а летоска поптиша професионален договор со клубот од Лондон, откако со своите врсници го освои Европското првенство до 19 години.

Менаџерот на Фулам, Славиша Јокановиќ, минатата сезона му даде шанса на тогаш 16-годишниот Сесењон во првиот тим и го користеше како лев бек, а тој возврати со седум гола и три асистенции. Сесењон, според стилот на игра и своите предиспозиции и можности, го споредуваат со Герет Бејл, кој исто така ја започна својата кариера како лев бек, а потоа и како лево крило, за на крајот да стане напаѓач.

Познато е дека Мурињо најави дека ќе се бори за Герет Бејл доколку тој не е во плановите на тренерот на Реал Мадрид Зинедин Зидан, но откако сите дилеми беа отстранети, „Специјалниот“ очигледно ќе се насочи кон неговиот наследник.

Она што е адут за Манчестер Јунајтед во трката со Тотенхем е фактот што „Црвените ѓаволи“ се подготвени веднаш по купувањето да го позајмат на Фулам со цел во Чемпионшип да го стекне неопходното искуство. Сепак, претседателот на Фулам Сахид Кан не е расположен за продажба на младиот фудбалер и порачал дека е подготвен да одбие понуди и од 30 милиони евра за Сесењон.

Sportclub

поврзани објави

Последни објави