Љубителите на електронските звуци ќе доживеат уште едно музичко издание на деветиот по ред непрофитен мултимедијален арт фестивал „Калефест“ во Кичево, во организација на ДБР – група. Настанот ќе се одржи на добро познатата локација Китино Кале во Кичево на 26 август.
Со свои диџеј сетови ќе настапат Феки Фарис, Милан Серафимов, Марте Наумоска, Димитри МК, Роботникс, Милан и Ултимуса.
„Калефест е настан кој го организираме самостојно, без никаква поддршка од институциите и одговорните за општествено, социјално и културно живеење. Во оваа прилика „ги потсетуваме“ дека наредната година ќе ја славиме децениската борба за овој настан. Горди сме и уверени затоа што со нашата публика, љубовта што ја даваме, позитивната енергија и упорноста, ќе ја постигнеме целта Калефест да биде реномиран интернационален фестивал. Ќе успееме затоа што веруваме во иднината, веруваме во енергијата што ја добиваме од нашата верна публика. Тие се мотивот и моторот кој девет години трпеливо го турка фестивалот напред. Тоа се луѓето кои заслужуваат слобода на изразување, луѓе кои заслужуваат својот креативен потенцијал да го искористат слободно, без предрасуди, комплекси и бариери“, велат организаторите од ДБР група, кои се отворени за сите уметници, артисти, за сите оние кои сакаат да се изразат онака како што тие сметаат.
„Калефест“ има за цел промовирање млади и талентирани артисти, во спој со искусни изведувачи кои позади себе имаат низа на настани и проекти, луѓе кои процесираат и реализираат идеи.
„Нашата цел е да им укажеме на младите луѓе и да ги заштитиме од пропагандата на квази промоторите, организатори на кич настани и искривени вредности во општеството. Од сите тие идилични пејзажи со кои секојдневно не бомбардираат преку социјалните мрежи, влијаат на ставовите, вкусот и однесувањето на гледачите, притоа негрижејќи се за социјално-културниот развој на општеството.
Следната година, десетта по ред, очекуваме „Калефест“ да ја добие заслужената поддршка од (не)одговорните институции. Девет години се доволни да ја разберете пораката која ја испраќаме трпеливо: „Развивање на културниот плурализам, надминување на предрасудите и разликите во културните и општествените групи, афирмација на културните вредности, сфатени како еднакви и неоттуѓиви права и слободи на секоја индивидуа““, велат организаторите.
Журката во сабота е предвидено да започне во 18 часот.