Персоналот на српската Амбасада утре ќе пристигне назад во Скопје. Ова, како што соопшти Министерството за надворешни работи, го информирал првиот заменик премиер и министер за надворешни работи на Република Србија Ивица Дачиќ во разговор попладнево македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.
Во соопштението наведуваат дека е договорена и средба меѓу Димитров и Дачиќ во петок во Ниш.
– Согласно договореното меѓу премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, а со цел зацврстување на традиционално пријателските односи, министрите за надворешни работи се договорија да се сретнат во петок во Ниш, Република Србија, наведуваат во соопштението од МНР.
Пред два дена, српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека по консултациите дел од персоналот ќе се врати во Скопје, а амбасадорката ќе пристигне подоцна по дополнителни консултации.