8.8 C
Skopje
Wednesday, December 11, 2024

ЦЕЛ ДЕН МИСЛАМ, ЦЕЛ ДЕН ДУМАМ

Си мислам, јас сум од една проклета генерација која цел живот беше све у некои транзиции, те ни уведуваа усмерено, те војска 14 месеци, те приемни испити за факултет, па и Тито ни умре, и Анте Марковиќ не‘ подлажа….и братство единството го ебавме, се испозаклавме ко ќурки за божиќ, три пути знаме мењавме, преживеавме и приватизација и трансформација и демократизација и институционализација, ја пројдовме секоја – ЦИЈА ја што ја смислил светов. И школи завршивме, и деца изродивме, и од таа заебан–ЦИЈА никако, бре да искочиме.

Дваесет и кусур години држава кобајаги правиме. Те едни, те други на власт. Едните бетер од другите! Како бе, не се погодија некои што си ја сакаат државава појше од својот џеб?? Како бре, не се родија такви што ќе речат, Ееееј, ми дадоа моќ, ми дадоа сила, сега му е мајката да му помогнам на мојот народ ! Да си ги остварам соништата ко се замишљав Блек Стена, Командант Марк, Бошко Буха, Супермен? Да оставам нешто позади да речат, еееј, господ здравје да му даде на овој, што јунак беше…како бе, срце не ви плаче да си го гледате народот да ви чепка по канти, да ги гледате децана у училници со ќумбе на дрва, магариња и коњи по булевари да ви шетаат со вреќи за стара пластика?

Како бе, хохштаплери едни, и бивши и сегашни, ви се живее у 18 век кога цел свет влага у 22? Не ли ве фаќа мерак нешто добро да направите, да си го видите народот стокмен, дотеран насмеан, редици да чекаат за театар, а не за у народни кујни у дупнати гумени чизми? Да му дадете крилја да работи, да учи, да ствара, да раѓа, да гради…. Да не оди со свиткана глава у странство, налепници по коли да му лепат, да му е ќеф химна ко се свири и знаме ко се вее. Од што фамилии искочивте, мајку вам божју, што васпитање добивте за да преварите, украдете, да заебете? Не ли ви е срам од родителите што ве створиле и од децата што ќе ги стварате? Како бе, не си го сакате ова парче земја, со кола за два саата се поминува, рај на земјата да стане… до кога бе нас ќе ни бидат криви и комунисти, и Турци и Бугари и Грци и марсовци? И странски служби и домашни предавници?

Аман бре, преку такво сте ни сите Куртовци и Муртовци, ќе дојде ли ден кога сонце ќе не‘ огрее а да не е само на знамето, кога нема да прашуваме дали комшијата е Албанец или Македонец, дали е геј или стрејт, туку дали е дома за да го викнеме на скара…кога ќе дојде ден кога нема да имаме појма кои ни се министри пошто ич нема да ни е гајле ни како се викаат ни како изгледаат…аман бре, и едни и други, од што пластелин ве праат ич око да не ви чуе да ве пљукаат и колнат по весници и портали. Ајдецата од дома што си ги избркавме, па и ние ли да бегаме на овие години? Сакате ли прикаски на правнуците да им кажуваме „си беше еднаш една Македонија“?

Преку такво ни е веќе, алооо…

 

Авторот не е познат на редакцијата

поврзани објави

Последни објави