Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ денеска ја презентираа декларацијата за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, составена од осум столба. Според реформаторот Александар Михајлоски, столбовите од декларацијата „Европска ВМРО-ДПМНЕ за европска Македонија“ ќе ги носат промените во Република Македонија.
„Ова е нашата визија каква ќе биде реформираната ВМРО-ДПМНЕ. Убедени сме дека реформирана со вакви вредности ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие поддршката од граѓаните за подобар живот за сите“, порача Михајлоски на прес-конференција во Скопје.
Видео: А1он
Првиот столб на декларацијата е одговорно управување – целиот капацитет на партијата ќе се стави во служба на граѓаните. Вториот столб е личната слобода и слободата на општеството – ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори ревносно за целосна слобода на говорот, на медиумите, на критичката мисла и слобода на изразувањето. Третиот столб, според реформаторите, е културата на законитост, а четвртиот – политички дијалог. ВМРО-ДПМНЕ, според реформаторите, ќе биде доверлив партнер и контруктивна сила со висок квалитет, без разлика дали е во опозиција или на власт.
Интеграцијата во ЕУ и НАТО, како петти столб, ќе биде врвен приоритет. Реформаторите велат дека ќе ги искористат сите капацитети за да се исполнат критериумите за евроинтеграциите. Како шести столб се нотира економскиот развој, со кој ќе се промовираат политиките на ниски даноци и подобрување на стандардот на граѓаните.
Седмиот столб на декларацијата ќе биде образованието и културата, а последниот столб се фокусира на здравството и животната средина.
„Декларацијата ќе биде нашиот устав, од таа декларација во иднина ќе се креираат сите политики на реформираната ВМРО-ДПМНЕ. Многу членови на партијата масовно се приклучуваат кон иницијативата за реформи. Веќе имаме потпишано илјадници изјави за прифаќање на декларацијата за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ“, истакнаа реформаторите.
„Сакавме со оваа декларација да направиме јасна разлика меѓу политиките на реформираната ВМРО, кои ќе носат прогрес, и политиките на актуелната ВМРО-ДПМНЕ, кои се веќе минато. Тоа беа политики на ширење на анти-НАТО и анти-ЕУ пропаганда и политики на креирање лажни вести со цел ширење страв и параноја кај македонските граѓани. Ние мора да расчистиме со тие политики. Доколку ВМРО-ДПМНЕ не се реформира, таа никогаш нема да се врати на власт. Ние имаме лидер со одземен пасош, изолиран од меѓународната заедница и човек за кој се водат судски постапки. Со кој капацитет ќе ја води партијата во иднина и како ќе настапи на локалните избори со товарот што го носи“, запрашаа реформаторите.
Во однос на локалните избори, тие најавија дека ќе разговараат во штабот, по што ќе излезат со конкретен став.