Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски обвини дека поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски со вработување на 600 лица во Државниот секретаријат кои земале плата, а не оделе на работа го оштетил буџетот на Република Македонија за 824 илјади евра.
Како што информираше Рашковски вработените лица во Државниот секретаријат имале обврска да доаѓаат еднаш во неделата само за да се потпишат дека биле присутни на работното место, а останатите четири дена немале никакви обврски.
-За да бидат работите пострашни, користеле годишен одмор, платено отсуство, биле фиктивно оценувани за својата работа и добивале една иста оцена – 3 поради тоа што според закон со добивање средна оцена хиерархиски не одите ниту горе ниту долу, останувате на иста позиција, вели Рашковски.