7.8 C
Skopje
Tuesday, November 12, 2024

Анализа на Скопско Ехо: Што нема во отчетите на скопските татковци?

ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ НА ПОЧЕТОКОТ ВЕТУВАА, ТРАМВАЈ, САЛИ, ПАЗАРИ… СЕГА НЕ ГИ НИ СПОМЕНУВААТ

„Направивме стотици проекти за граѓаните“, „Направивме трипати повеќе проекти отколку што ветивме“…, фрчат деновиве отчети на скопските градоначалници за она што го направиле во истечениот четиригодишен мандат. Тие како да не патат од скромност па така на прес конференциите и во скапо испечатените отчети зборуваат само за она што го направиле како со тоа да завршила нивната обврска кон оние кои ги избрале. Истовремено, речиси никој од нив не собра храброст да признае дека има и повеќе работи кои не се направени, иако им беа ветени на граѓаните.

А што е ненаправено лесно може да се види доколку се споредат изборните програми кои тие им ги понудија на граѓаните во кампањата во 2013 година и она што сега го даваат како отчет. Тука има и капитални проекти кои се важни за градот но кои, очигледно, ќе чекаат некои нови градоначалници и времиња. „Скопско ехо“ направи своевидна споредба на направеното и неоствареното и еве што таа покажа.

– Во изминативе четири години работев транспарентно, напорно и посветено. Плод на тоа се стотици реализирани проекти кои го подобрија животот на граѓаните, изјави неодамна скопскиот градоначалник Коце Трајановски. Во отчетот тој се пофали со 14.449 метри улици и булевари кои се пробиени и проширени, со 19.784 метри реконструирани улици… Но, листата на работи кои Трајановски пред четири години ги вети, а до сега не ги направи е поприлично долга. Така, градот Скопје се уште го чека Авто-пазарот кој го нема уште од 2008 година кога беше затворен стариот. Ја нема ниту ветената патека за екстремен велосипедизам, ниту модерната компостара за преработка на зелен отпад, исто како и деталниот регистер на сето зеленило. Ги нема ниту трите подземни сообраќајнициј: од зградата на Владата до Народна банка на РМ, кај ТЦ Мавровка и Судска палата и на Јужниот булевар… Постапката за изградбата на трамвај е речиси целосно замрена. Не се прошири ниту „Пластичарска улица“, ниту се направи кружен тек кај „Хубо маркетот“…

Градоначалник на Бутел Петре Латиновски се пофали дека реализирал над 230 проекти. Но, ја нема ниту новата спортска сала, двете станбени објекти со 360 станови за социјално загрозени граѓани…. До сега требаше да е во завршна фаза урбанизација и изградба на инфраструктурата во индустриската зона Визбегово.

Градоначалничката на Кисела Вода Биљана Беличанец не објасни што се случи со ветениот Инкубатор за поддршка на малите претпријатија, со катната гаража кај спортската сала „Расадник“…

Првиот човек на Центар Андреј Жерновски кога пред четири години ја бараше довербата беше категоричен дека она што го ветува ќе го направи во текот на мандатот. Сега на истекот, општината не е гасифицирана, не се заменети прозорците во сите градинки и училишта, ниту пак е комплетно завршен проект за поставување на енергетски ефикасни фасади на 60 колективни згради.

– За три месеци ќе почне да се гради модерен Бит-пазар, најави на 12 март 2013 година актуелниот градоначалник на Чаир Изет Меџити. Сега, четири години подоцна, Бит-пазар се уште има стар лик, и е во крајно лоша состојба. Во оваа општина на ветената реконструкција сеуште чекат школите…

Гасификацијата беше ветена и на граѓаните во општина Карпош, но и таа не се заврши како проект. Жителите во населбата Злокуќани во оваа општина уште го чекаат ветениот спортски центар во кој требаше да најде свое место и ергела за одгледување на коњи, недостига и ветениот дом на културата во Тафталиџе…

– Ако некој ветувал дека за четири години ќе ни направи нешто, тогаш тоа требаше и да го направи. Не може сега да се правда со некакви други фактори и околности. На граѓаните прво им се ветува се и сешто, а на крајот од мандатот се фалат со помалку значајни работи и некакви големи бројки – вели скопјанката Тања Трајковска.

Во Гази Баба го нема пешачкиот мост кај фабриката за лекови „Алкалоид“ кој треба да служи за поголема сигурност на пешаците, ниту пак, жителите во село Стајковци ја добија најавената детска градинка. Во Ѓорче Петров, се уште се чека на ветените индустриски зони – покрај реката Лепенец и покрај обиколницата на Скопје кои требаше да бидат готови уште во 2014 година, според она што тогаш го најавуваше градоначалникот Сокол Митревски. Нереализиран е и проектот за гасификација на општината. Во општина Аеродром, пак, се уште не се реновирани сите улици во населбата Стар Аеродром но и во Лисиче, сите основни училишта не добија енергетска фасада иако беше ветено, ја нема општинската зграда…

Излегува дека листата на ненаправените проекти за кои во кампањата пред четири години се тврдеше дека сигурно ќе се направат е прилично долга. Но, за тоа граѓаните не добија објаснување во сегашните отчети. Дали градоначалниците го заборавија тоа, исто како што заборавија и да го исполнат ветеното?

Нереализирани проекти на Коце Трајановски:

  • ТРАМВАЈ
  • ПОДЗЕМНИ СООБРАЌАЈНИЦИ
  • КРУЖЕН ТЕК КАЈ ХУБО МАРКЕТ И ПРОШИРУВАЊЕ НА ПЛАСТИЧАРСКА

 

Што не направи Андреј Жерновски:

  • ГАСИФИКАЦИЈА НА ОПШТИНАТА Гасификација на општината
  • ЕНЕРГЕТСКИ ФАСАДИ ЗА СИТЕ ЗГРАДИ
  • НЕ СЕ ЗАМЕНЕТИ ПРОЗОРЦИТЕ ВО СИТЕ ГРАДИНКИ И УЧИЛИШТА

Заборавено од Изет Меџити:

  • ИЗГРАДБА НА БИТ-ПАЗАР
  • РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СИТЕ УЧИЛИШТА

Неисполнети ветувања на Петре Латиновски:

  • УРБАНИЗАЦИЈА НА ВИЗБЕГОВО
  • СПОРТСКА САЛА
  • ДВЕ ЗГРАДИ СО СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ

Кисела Вода и со Биљана Беличанец остана без:

  • КАТНА ГАРАЖА КАЈ РАСАДНИК
  • ИНКУБАТОР ЗА ПОДДРШКА НА МАЛИТЕ БИЗНИСИ

Што Сокол Митревски не направи:

  • ИНДУСТРИСКИ ЗОНИ ПОКРАЈ ЛЕПЕНЕЦ
  • ГАСИФИКАЦИЈА НА ОПШТИНАТА

Стевче Јакимовски не стигна да направи:

  • ГАСИФИКАЦИЈА НА КАРПОШ
  • СПОРТСКИ КОМПЛЕКС ВО ЗЛОКУЌАНИ
  • ДОМ НА КУЛТУРАТА ВО ТАФТАЛИЏЕ

Аеродром и со Ивица Коневски остана покус за:

  • РЕНОВИРАЊЕ НА ГОЛЕМ ДЕЛ ОД ПОВАЖНИТЕ УЛИЦИ
  • ФАСАДИ НА ПОВЕЌЕ СТАРИ ЗГРАДИ
  • РЕПРЕЗЕНТАТИВНА ОПШТИНСКА ЗГРАДА

Извор: Скопско Ехо

 

поврзани објави

Последни објави