Познатиот новинар Гоце Михајлоски објави на својот facebook профил дека ја напушта ТВ Нова. Ви ја пренесуваме во целина неговата објава:
“Почитувани пријатели, од денеска веќе не сум дел од тимот на ТВ Нова. Одлучив да си дадам отказ поради повеќе причини – од концепциски, организациски, кадровски, па се до финансиски.
За жал, голем дел од јадрото професионални новинари кое ми даваше надеж дека еден ден ТВ Нова ќе стане „македонски CNN“, последните неколку месеци ја напушти куќата и со тоа трајно и неповратно го урна сонот.
Кога прифатив да бидам дел од тимот, силно верував дека е можно да се биде пристрасен, но професионален медиум. Да се биде „провладин“ или „опозициски“ во изборот на темите не е грев, доколку се запазуваат професионалните стандарди и етичките норми во известувањето. Впрочем, така функционираат поголемиот дел од медиумите во пазарните општества – едноставно секој сопственик има одредени политички и бизнис интереси и легитимно е да се обидува да ги наметне во јавниот дискурс. На новинарите е да внимаваат тоа да биде согласно правилата, да нема лаги и клевети, а дали и колку медиумот ќе успее да се наметне во јавноста одлучува господарот на далечинскиот – гледачот. Тој што треба и мора да биде неутрален и целосно избалансиран, според моето мислење, е единствено Јавниот сервис, кој се финансира со пари на сите граѓани.
Борбата ние да бидеме професионални во рамки на уредувачката политика, ја водев неуморно секој ден. За жал, некогаш политичките влијанија беа посилни од нас.
Веројатно за дел од Вас, почитувани пријатели, одлуката да бидам дел од ТВ Нова беше изненадувачка, а знам дека за некои и разочарувачка. Ви должам одговор.
Новинарството, иако некои го идеализираат, е професија од која, како и од секоја друга, тие што го работат треба да егзистираат. Тие што се дел од медиумската сфера знаат дека затворањето на А1 телевизија беше пресвртниот момент што направи далекусежна дисторзија на пазарот на трудот, од која многу споро и болно се опоравуваме. Доволно е да ви кажам дека нивото на платите во А1 од пред 10 години се уште не е достигнато од поголемиот дел од медиумите денес.
Некои добро и брзо се снајдоа, но мнозинството од тогаш оставените без егзистенција стотици новинари беа принудени да прифаќаат работа под мизирни услови. Со ниски плати, хонорарно или во најдобар случај со договор на неколку месеци. Таков беше и мојот случај. Малкумина знаат дека моето следно вработување на неопределно време по А1 беше токму во ТВ Нова, иако во меѓувреме бев новинар и уредник во два други важни медиуми.
Решив да ја прифатам понудата за ТВ Нова, бидејќи по подолг период, видов решеност на некој сопственик да овозможи достоинствени услови за работа. Пристојни плати за наши услови, нова и модерна опрема, комфорна редакција… Брзо се состави квалитетен и искусен новинарски и технички тим, и приказната почна. Дали и колку беше успешна, оценки ќе даде времето.
Со помали проблеми, дел очекувани за првата година од работата на еден така сложен систем, ТВ Нова функционираше нормално до почетокот на пролетта. Проблемите почнаа откако беше објавен случајот Труст на СЈО во кој меѓу осомничените е и Сеад Кочан. И покрај уверувањата дека тоа нема да се одрази на функционирањето, реалноста се покажа сосема спротивна. Доцнењето на платите веќе стана хроничен проблем, кој, како што читате, деновиве ексалира.
Она што повеќе иритира, и кај мене ја помина границата на трпението е односот на менаџментот кон вработените. За цело време на кризата, никој не најде за потребно да ни објасни на што се должат проблемите и дали има некаков план за нивно надминување. Очигледно имаат други, поголеми проблеми, од судбината на над 100-тина вработени.
Се на се, уште едно големо медиумско разочарување.
Да сме здрави и живи!“
Почитувани пријатели, од денеска веќе не сум дел од тимот на ТВ Нова. Одлучив да си дадам отказ поради повеќе причини –…
Posted by Mihajloski Goce on Friday, September 1, 2017