-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Почна Бледскиот стратешки форум, насловен „Нова реалност“

Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец го отвори Бледскиот стратешки форум, со порака дека целта на овој собир е да се дадат некои одговори во однос на прилагодувањето на новата реалност во светот.

– Потребна ни е прилика и иницијатива да разговараме за новата реалност и идните чекори. Нова реалност се постојаните промени. Глобално се соочуваме со бројни предизвици, некогаш радикални и деструктивни, тероризам, оружја за масовно уништување, а тука се и човековите права, кои се и натаму под знак прашалник, истакна Ерјавец.

Сепак, тој потенцираше дека не сака Форумот да се занимава само со заканите и стравот, туку и со начините за создавање подобра иднина, со вклученост на целата меѓународна заедница, соработка и воздржувања од закани, со почитување на правото и владеењето на правото.

– Земјите членки на ЕУ мораат да бидат пример за почитување на преземените обврски, посочи шефот на словенечката дипломатија.

На Бледскиот стратешки форум, кој се одржува денеска и утре под мотото „Нова реалност“, ќе присуствуваат околу 1.000 високи претставници на Обединети нации, на Европска унија и на НАТО, академици, студенти, претставници на бизнис заедницата од над 70 држави. На Форумот ќе присуствуваат и функционери од регионот, вклучувајќи го и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Меѓу темите за кои ќе се разговара, ќе бидат промените во светот и предизвиците кои тие ги носат, потребата за силни демократски раководства, положбата на ЕУ во изменетиот свет, за Западен Балкан, човековите права во време на промени, дигиталната дипломатија и друго.

Еден од панелите ќе биде посветен на Западен Балкан и процесот на проширување на ЕУ.

поврзани објави

Последни објави