-1.2 C
Skopje
Sunday, November 10, 2024

Заев: Поволната поддршка на Светска Банка за осигурување и надомест на штетите од катастрофи е во интерес на граѓаните

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска оствари средба со Орсалиа Калантцопулос, генерална директорка на Европа Ре, реосигурителна компанија поддржана од Светска Банка, на која се разговараше за достапната помош што Република Македонија и општините може да ја имаат на располагање од Светска банка и Европа Ре во услови на катастраофални ризици од временски непогоди како што се поплавите и земјотресите.

Претставничките на Европа Ре ги презентираа програмите, можностите и техничката помош што оваа компанија им ги нуди на државата и општините во услови на катастрофални ризици, со цел да се осигура брза финансиска помош и сигурност за државниот буџет, а со тоа и брза помош за граѓаните и домаќинствата кои ќе бидат соочени со последици од ваквите можни ризици.

На состанокот исто така се дискутираше и се разгледаа можности и за достапните форми за помош за осигурување на земјоделското производство во услови на евентуални ризици, како што се сушата, прекумерните врнежи, поплави и град.

Со оглед на фактот што Македонија изминативе години се соочува со сериозни ризици од поплави и други ризици што ги покриваат споменатите програми, премиерот Заев соопшти дека постои волја да се обезбеди поголема сигурност и заштита на буџетот, и од тие причини сериозно ќе бидат разгледани можностите што и се нудат на Република Македонија и општините со овие корисни модерни програми за буџетска заштита и финансиска сигурност за граѓаните на Македонија

поврзани објави

Последни објави