15.8 C
Skopje
Monday, October 28, 2024

Атлантски совет на Бугарија: Македонија во НАТО без повеќе одложувања

Атлантскиот совет на Бугарија (АСБ) во официјална декларација објави дека децидно и безусловно ја поддржува интеграцијата на Р. Македонија во НАТО. Според  АСБ, Република Македонија е подготвена да стане дел од северноатлантскиот пакт, бидејќи веќе ги спровела неопходните реформи и ја докажала својата посветеност кон евроатлантските вредности.

АСБ смета дека влезот на Р. Македонија во НАТО ќе има позитивно влијание врз идното проширување на Алијансата на Балканот и реонот на Црно море. Ќе биде гаранција за безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа. Ќе ги стимулира процесите за евроинтеграција. Ќе ги спречи сите идни политички визии или сценарија кои имаат за цел да го претворат реонот на Западниот Балкан во сива зона на дестабилизација и безбедносен ризик. Македонија ќе се претвори во уште една гаранција за безбедноста и напредокот за сите држави во регионот.

Во својата декларација АСБ потсетува дека Бугарија прва ја признала волјата на македонските граѓани да изградат сопствена демократска и независна држава, прва ја признала Р. Македонија под нејзиното уставно име и подвлекува дека сите демократски избрани влади во Бугарија по 1991 г, ги поддржувале евроатлантските аспирации на Р. Македонија.

АСБ ја изразува и својата поддршка за потпишаниот на 2 август 2017 година договор за пријателство и добрососедство меѓу Р. Бугарија и Р. Македонија. Според Советот овој договор е историски чин во меѓусебните односи на двете земји во сите сфери на општественото живеење, посебно во делот за евроатлантските интеграции на Р. Македонија.

АСБ очекува од бугарската Влада да го забрза процесот на евроинтеграција за земјите од Западен Балкан за време на своето претседателство со Европската Унија, а исто така и бугарскиот претседател, премиер и министер за одбрана за време на своите средби со странски државни и владини шефови да настојуваат и лобираат што побрзо Македонија да стане дел од НАТО.

АСБ подвлекува дека Бугарија ќе биде безбедна само, ако сите нејзини соседни земји се дел од НАТО.

Во декларацијата на АСБ стои уште дека УС на Организацијата донела одлука да организира „Граѓанска иницијатива за влез на Р. Македонија во НАТО“. АСБ ги повикува сите бугарски граѓани да се вклучат активно во таа иницијатива која ќе се одвива се до влезот на Р. Македонија во НАТО. Иницијативата според нејзините автори од АСБ во себе ќе вклучува голем број активности, како активно лобирање пред претставници на земјите членки на НАТО. Одржување на прес-конференции, јавни дебати и настапи пред национални и регионални медиуми.

поврзани објави

Последни објави