4.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Замислете до кое дереџе сме дојдени што се радуваме на 12.000 денари минимална плата?

Калина Коси 

 

Ако сме реални, ќе си признаеме дека и тоа е голем успех за кој успеа да се избори новата власт, за разлика од претходната, која ги иззема од обврските текстилните фабрики. Кога велам голем успех не мислам огромен, мислам голем успех заради тежината и заради значењето. А го гледам само како еден, прв од многуте постапни чекори кои треба да следат за искачување на минималната плата кон повисоките скалила.

Инаку, одбивам да го минимизирам успехот поврзан со покачување на минималната плата, само затоа што се работело за таму некои 2-3.000 денари повеќе. На голем дел од нас, можеби тој износ ништо не ни значи. Ама замислете колку луѓе има што рнтале цел месец за 8 или 9 илјади денари? По фабричките погони, по бутиците, на нозе на каса по маркетите? Според проценките, околу 130.000 работници се во прашање! Уште толку сопружници или партнери, и најмалку уште толку деца – устички за ранење. Малку ли се? Воопшто не! Се радувам заради сите нив!

И на крајот, за да радоста биле оправдана, издржана и долгорочна, не е доволно само на хартија да ја напишете минималната плата! Трудовата инспекција да се зајакне со луѓе и ресурси и да се пушти на работа поинтензивно, насекаде низ Македонија и неселективно. Секој газда што нема да ја исплаќа минималната плата, или ќе ја исплаќа, ама разликата ќе бара на рака да му ја враќаат, без пардон да се казнува! Море рацете да им се сечат на таквите експлоататори кои посегнале по туѓи пари, како во Кина! (за буквалистите, не го мислам ова со сечењето раце буквално)

А да… и уште ова, не знам како е моментално, ама не би било лошо, со закон или поинаку некако, да се предвиди задолжително синдикално организирање на работниците по фирмите, за да можат поорганизирано и послободно да пријавуваат злоупотреби и да си се борат за своите права. Оти, ако остане мерката само вака на хартија… многу брзо ќе се претвори во еден друг тип на хартија популарен на овие простори – тоалетна

поврзани објави

Последни објави