Над 50 држави од целиот свет денеска во седиштето на ОН во Њујорк потпишаа Договор за забрана на нуклеарното оружје, во присуство на генералниот секретар на Светската организација, Антонио Гутереш.
Земјите потписнички на договорот се обврзуваат дека „никогаш и под никакви околности нема да развиваат, произведуваат или складираат нуклеарно оружје, ниту пак да го користат или да се закануваат со негова употреба“.
Предвидено е Договорот да стапи во сила 90 дена откако ќе биде потпишан од најмалку 50 земји членки на ОН.
Документот беше одобрен на 7 јули од повеќе од 120 земји членки на ОН, и покрај силното противење на државите кои поседуваат нуклеарно оружје, вклучително и петте постојани членки на Советот за безбедност на Светската организација, кои ги бојкотираа преговорите за усогласување на неговиот текст.
Набрзо по стартот на потпишувањето Договорот со заедничко соопштение се огласија Велика Британија, САД и Франција, кои порачаа дека никогаш нема да се придружат на оваа спогодба.
Во врска со документот се огласи и руското Министерство за на дворешни работи, кои нагласи дека Русија нема да го ратификува овој Договор.
Уште пред стартот на потпишувањето на Договорот се огласи и НАТО, кој го осуди документот и порача дека тој нема да предизвика промени во правните обврски на земјите членки на Алијансата во однос на нуклеарното оружје.