Утрово во Куманово е уапсен Игор Југ, еден од групата која на 27 април упадна во прес салата во Собранието каде беа пратениците и новинарите.
Од полицијата засега нема официјална потврда за неговото апсење. Според телевизија Телма апсењето е изведено утрово, а Игор Југ бил најден во станот на својот починат татко во Куманово.
Игор Југ е водач на здружението „Владо Черноземски“ од Куманово кое беше дел од патриотскиот фронт. Пред настаните во Собранието, фронтот упати декларација до јавноста дека се против начинот на работата на македонскиот парламент и се заканија со други мерки.
Тој е еден од учесниците во толпата кои беа поврзувани со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој пак се огради од напаѓачите и истовремено побара секој оној кој сторил дело спротивно на законот да биде соодветно санкциониран од државните инсититуции.