Пратеникот на грчката опозициска Нова демократија Јоргос Кумуцакос, кој е одговорен за надворешна политика во партијата, остро го нападна министерот за надворешни работи Никос Коѕиас во врска со преговорите за името на Република Македонија.
– Дали (Коѕиас н.з.) има некаков преговарачки мандат и ако има што е тоа? Со кој кредибилитет седи на преговарачка маса? Која е неговата позиција? Оваа играчка со национални прашања е завршена, рече Кумуцакос во грчкиот Парламент додавајќи дека Нова демократија „нема да го гледа тоа“.
Коѕиас пред два дена во Њујорк се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, со кого, меѓу другото, разговарале и за прашањето за името. Шефот на грчката дипломатија по средбата, на која присуствувал и медијаторот Метју Нимиц, изрази уверување дека после изборите постои прозорец за можности за дискусија за прашањето за името, ако се напушти иредентизмот.