Можете да ме исклучите од ДПМНЕ, ама никогаш не можете да ме исклучите од ВМРО. Вака, веќе поранешниот претседател на УМС на ВМРО ДПМНЕ во Македонска Каменица Дарко Гоцевски им се обрати на своите довчерашни сопартијци и премина во редовите на партијата на Љубчо Георгиевски.
Дарко Гоцевски беше претседател на Унијата на Млади Сили на ВМРО ДПМНЕ во Македонска Каменица каде што по четврти пат официјален кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ е Дарко Митевски. Причината поради која Дарко Гоцевски е исклучен од органите на партијата е поради тоа што тој јавно се спротиставил, на како што вели, повторното кандидирање на Дарко Митевски за градоначалник на Македонска Каменица.
На својот ФБ профил поранешниот претседател на УМС на ДПМНЕ пишува дека ВМРО ДПМНЕ не е приватна сопственост на Дарко Митевски, туку му припаѓа на народот, напоменувајќи дека овој пат мораат да изгубат за да ПОБЕДАТ.
Според наши информации, во текот на вчерашниот ден членовите и симпатизерите на партијата на Љубчо Георгиевски – ВМРО НП, организирале коктел на кој бил присутен и веќе исклучениот довчерашен претседател на УМС на ВМРО ДПМНЕ. На фотографијата може да се забележат повеќе стари ВМРОВЦИ кои биле дел од ДПМНЕ, а кои денеска својата поддршка ја даваат за како што велат – единствениот лидер на ВМРО во Македонија, Љубчо Георгиевски.
https://www.facebook.com/photo.php?fbid=1479254068834985&set=pcb.1479260615500997&type=3&theater
Ова не е единствениот револт на млади членови на ВМРО ДПМНЕ. Вчера, на прес конференција излегоа членови на УМС на ВМРО ДПМНЕ кои јавно побараа реформи и промени во партијата, како и поголема застапеност на младите во самите органи на партијата. Дали локалните избори ќе бидат тест за членовите на ВМРО ДПМНЕ дали ќе добијат реформи или не, останува да покаже времето.