Триесет и осум милиони евра – пари на граѓаните на Република Македонија биле потрошени за кампањи и пропаганда во електронските и печатени медиуми во Македонија, а само една телевизија добила цели 7 милиони евра за владини реклами и кампањи, објави денеска портпаролот на Влада на Република Македонија, Миле Бошњаковски, кој оддржа прес конференција во Медиа центарот на владата, на тема „Владини кампањи 2008 – 2015“.
– Се работи за парите кои биле дадени од буџетот на Република Македонија за пропаганда и кампањи, кои беа емитувани на електронски и печатените медиуми во Македонија. Зборуваме за кампањите за трето дете, за кампањите за против абортус, за кампањата „Истражи ја Македонија“, за „Ден на идеи“, „Ден на дрвото“, кампањата за здрава храна и слични – рече во најавата портпаролот Бошњаковски.
Како што објасни тој, во оваа сума не се пресметани 2006, 2007 и 2016, година затоа што документи за овие години не биле пронајдени, а, како што потенцираше портпаролот, исто така во овој износ не се внесени и кампањите кои биле правени од страна на министерствата на владата на Никола Груевски.
– Речиси 15 милиони евра за продукција на кампањите се платени на неколку маркетинг агенции, како и за закуп на огласи во одредени печатени медиуми. 200.000 евра се пари потрошени за истражувања на јавното мислење. Овој сегмент во некој нареден период ќе добие и посебна прес конференција, бидејќи не се анализирани сите документи. Третата ставка изнесува скоро 23 милиони евра – платени за закуп на време за реклами во електронските медиуми во Македонија, или вкупно – скоро 38 милиони евра пари земени од буџетот на Република Македонија или од граѓаните – рече Бошњаковски на пресконференцијата.
При распределбата на парите, како што беше појаснето на прес конференцијата, нејасни се критериумите како се префрлани парите за закуп на простор за реклами кај комерцијалните национални концесионери, иако табеларниот приказ презентиран на конференцијата за медиумите, укажува на тоа дека рејтингот не играл никаква улога и дека критериуми едноставно не постоеле.
Имено, како што е видливо од вкрстените бројки – одредени национални телевизии едноставно биле многу повеќе плаќани од другите.
– Дека не постои критериум е јасно со појавата на нова телевизија со национална концесија во 2012 година или ТВ 33 на табелата. Во нејзината втора година од постоењето оваа телевизија добива речиси половина милион (500.000) евра. Овој пример е обележан со жолта боја во табелата. За разлика од национална телевизија која работи со години и која во таа година добива само 22 илјади евра, или разлика од цели 480 илјади евра во корист на новата национална телевизија – потенцираше портпаролот Миле Бошњаковски на прес конференцијата.
Од распределбата на парите на граѓаните за пропаганда и кампања не биле лишени и помалите, локални и регионални телевизиски оператори. Имено, недостатокот на критериуми при распределбата се забележува и кај нив со тоа што на почетокот добивале по 100 евра месечно, а , како што покажа анализата, по промената на сопственичката структура во истите во периодот 2013/14 години одеднаш истите нови сопственици почнуваат да добиваа договори со тогашната влада на Република Македонија во износ од дури 15.000 евра по кампања.
Портпаролот Бошњаковски, на прес конференцијата, потсети дека дека новата македонска влада целосно ја прекина оваа негативна појава и, како што изјави тој, повеќе нема да постојат ниту реклами ниту плаќања на медиуми за маркетинг активности.