35.8 C
Skopje
Wednesday, June 12, 2024

Петар Колев: Името не е сопственост на дедо ви!

Средивте се во државата па решивте да го решавате името!? Навистина сум изненаден од тоа што во последен период некој ни го пласира проблемот со името на државата како основен и суштински, кој ако не го решиме сега не знам што ќе се случело. Господа, особено вие од власта успеавте да решите се во државата и решивте да се зафатите со името? Каков популизам какво политичко лутање? Што направивме со правдата за сите? Гледам во Идризово нема место, сте објавиле иницијатива за амнестија или ќе сте разпишувале тендер за ново крило да се изгради? Гледа оној бројачот на триумфалната порта се уби од броење, се чуди нашиот министер за финансии каде да ги преразпредели вратените средства.

 

О, заборавив, министерот за финансии се обидува да не убеди дека е супер идејата да ги казниме образованите и квалифицирани луѓе во земјата, кои добиваат над 1000 евра плата со по уште 8% данок. А ќе пукневте од плачење дека децата ни избегале во странство. Па ќе избегаат, со ова ѓи вреѓате, понижувате и провоцирате и тие лекари, инжинери и други специалисти што останале во Македонија да фаќаат патот одовде. За ваква авантура, во Европа кон која сакате да не приближите, министерот си фрла оставка и фаќа џенем да се скрие некаде да не го малтретираат новинарите, но нели животот дојде, па нема новинар што да го праша кој го посоветува да направи таква глупост? Гледам и минималната плата ни летна во небото, затоа г-дин Рашковски ни одржа лекција за домашни финансии и фамилиарен буџет. Значи како што ни кажа господинот, ако не платиме радиодуфузна и ако наместо 3 пиеме по 1 пиво и не порачуваме ќебапчиња за неколку стотици години и ние како Германците ќе можеме да си купиме нов Голф а не како што е сега стар 20 години, возен од некоја баба во Германија. Гледам и еден куп мерки имплементиравте во образованието. Да, ја отфрливте таа глупост со екстерните и други мајмунџилуци на вашите предходници, ама не ни кажавте што правиме од тука натаму? Гледам и здравството лета, ама како магарето ниско. Тоа болници средени, специалисти лекари колку сакаш. Да, знам дека сето ова не се решава за неколку месеци, но пак и проблем кој е стар колку нашата држава не можете да го решите за толку краток период.

 

Дајте бре луѓе да си го исчистиме и средиме дворот прво, после ќе ги решаваме проблемите со комшиите. А и впрочем името не е сопственост на дедо ви па да си експериментирате со него. Нели сте демократи, нели се боревме за демократија сите заедно и го срушивме режимот. Затоа мислам дека нема по демократско решение за тој проблем од референдум. Нека си решат граѓаните на Македонија како да им се вика државата. Не ми излегувајте со евтините финти дека народот не разбирал од дипломатија и можел да донесе емоционално и грешно решение. Тој истиот народ ве гласа вас на избори. Како кога треба да ве облече во власт и да ве седне на меките фотелички знае како да гласа, а сега кога станува збор за името на државата ќе згрешел. Ова ми изгледа како онаа “СТАНИ КУРТО ДА СЕДНЕ МУРТО”. На едниот му намигна Барак Обама, а Трамп ќе се препнеше во друѓиот. Доста се шетавте по светот, прибирајте се дома. Засукувајте ракави и почнувајте со работа. Иначе нема да трае долго вашата идилија, на народот му доаѓа преку глава, но нема со кој да ве смени.

 

Пишува: Петар Колев

поврзани објави

Последни објави