Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Пјонгјанг дека, „го измачувал повеќе отколку што може да се замисли“ американскиот студент Ото Вармбир.
Вармбир почина во јуни 2017 година, една недела откако беше вратен во коматозна состојба во САД од севернокорејски затвор.
– Извонредно интервју на родителите на Ото Вармбир за „Фокс“. Ото во Северна Кореја бил измачуван повеќе отколку што може да се замисли, напиша Трамп во денешната порака на Твитер.
Досега ниту еден официјален претставник на САД не ја обвини Северна Кореја за мачење на Вармбер, кој беше уапсен во јануари 2016 година и беше 18 месеци во затвор во земјата, додека не беше вратен во САД во коматозна состојба.
Пораката на Трамп следи по вчерашното интервју со родителите на починатиот студент. Тоа беше нивно прво интервју по смртта на нивниот син. Родителите го обвинија Пјонгјанг дека нивниот син бил измачуван и намерно повредуван.
Во јуни, по смртта на студентот, Трамп ја опиша Северна Кореја како „брутален режим“. Пјонгјанг ја осуди негативната кампања и негираше дека 22-годишниот Американец бил измачуван или малтретиран на било каков начин.
Ото Вармбир почина на 13 јуни неколку дена откако беше вратен во САД во кома по 18 месеци затвор во Северна Кореја. Тој беше осуден во 2016 година на 15 години затвор со напорна работа поради кражба на пропагандни плакати за време на своето туристичко патување. Досега не е разјаснето зошто Ото беше во кома.