Поради огромното загадување на воздухот од партијата на ДОМ побараа прогласување на вонредна состојба и преземање на други итни мерки за спас на граѓаните.
Тие истакнуваат дека загадувањето на воздухот во последните два дена е на рекордно ниво. Најголема загаденост беше измерена во Лисиче 665 и Битола 640 микрограми ПМ10 честички на метар кубен, а тоа е цели 13 пати повеќе од дозволеното.
„Низ цела Македонија се мерат од 4 до 12 пати повисоки вредности за отровните честички. Во Пекинг се крена алармот при загадување со ПМ10 од 200 микрограми на метар кубен, а пак за време на големиот смог во Лондон во 1952 година, кога умреа над 4 илјади луѓе, загадувањето беше 400 микрограми на метар кубен.
Што чекаат надлежните институции, без да преземат сериозни мерки? Чекајќи го изборот на нова влада, се задушивме! Влади и раководни лица доаѓаат и си одат, но инситутициите мора да функционираат и да им обезбедат здрав живот на граѓаните. ДОМ повторно бара прогласување вонредна состојба поради загадувањето и преземање итни мерки за спас на населението, паралелно со превземање на серија други мерки на среден и на долг рок.
Поразително е што во Македонија малкумина во инстутициите сфаќаат дека проблемот со загадувањето не може да се реши без промена на концептот на водење на вкупната економија. Мора да се откажеме од економија базирана на фосилни горива и да преминеме на обновливи извори, што е дел од светскиот тренд по климатскиот самит во Париз. Затоа не ни се потребни ‘смирувања’од страна на институциите дека ќе нема енергетска криза поради доволно јаглен и увезена струја. Ниту пак нѐ смирува фактот дека се подготвуваат нови јагленокопи за да имаат РЕК Битола и РЕК Осломеј доволно суровини за да чурат и загадуваат и понатаму. Република Македонија како држава официјално вети во Париз намалување на јаглероден диоксид за 30 до 36 проценти до 2030 година. Тоа е можно исклучиво со премин од валкана фосилна економија кон зелена економија“, стои во реакцијата на ДОМ.