Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од редовите на СДСМ, Стефан Богоев, синоќа на митинг пред своите сограѓани рече дека Карпош веќе неколку години е киднапирана општина од урбаната мафија, а неговиот противник од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски, го нарече измеќар на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
„Го гледам деновиве, еден од шефовите на урбаната мафија, Стевчо Јакимовски, вели „резултати, а не приказни“. И да знаете во право е. Пред четири години, неговата приказна беше дека е чесен и независен, но после четири години резултатот негов е дека е корумпиран измеќар на Никола Груевски и Сашо Мијалков во Општина Карпош“, изјави Богоев.
Тој веднаш по победата најави дека ќе се спроведе целосна ревизија на финансиското работење на општината, решавање на проблемот со паркинг просторот, со изградба на нови бесплатни и зелени паркинзи, ефикасни фасади, три нови градинки, бесплатни домашни лекарски прегледи за највозрасните граѓани на Карпош. Богоев исто така пред жителите на Карпош најави и нов голем Градски Парк.