Кинеската компанија „Синохидро“ бара од Владата уште 143 милиони евра за дополнителни непредвидени работи на изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Владата ќе преговара. Сѐ уште нема направено конечна пресметка на штетата од грешките на автопатот. Не се знае ниту како цената вртоглаво стигна до овие милионски суми.
„Пресметката за сите дополнителни работи коишто некој заборавил да ги направи допрва ќе се направи за да биде прецизна, точна и јасна. Во истиот момент кога ќе се заврши пресметката, кога анексот ќе биде испреговаран и ќе биде во фаза на потпишување јавноста ќе биде целосно информирана точно и јасно“, вели Миле Бошковски – портпарол на Влада
Договорот за автопатот чини 373 милиони евра, но со исправањето на грешките може да стигне и до половина милијарда, што е скандалозна цена за само 57 километри автопат. Танески од Завод за испитување материјали, што се проектанти на дел од автопатот, вели дека проектната цена била многу пониска од парите што им се платија на Кинезите. Јавното претпријатие за државни патишта требало да реагира на време дека чинењето на автопатот не одговара со цената на првичниот договор.
„До сега, од кога е готов проектот навака не сме за ништо консултирани. Значи досега Заводот и во градба овие 4 години за ништо не сме консултирани. Значи секој месец имало проблеми меѓутоа тие проблеми стојат 3-4 години, требало да се реагира веднаш“, вели Борис Танески – Завод за испитување материјали
Договорот со Кинезите го направи поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Специјалното јавно обвинителство врз основа на индиции од нелегално прислушуваните разговори отвори случај против поранешни високи функционери кои се осомничени за земање провизија и местење на работата на Кинезите за да ги градат автопатиштата во Македонија.
Автопатот Кичево-Охрид почна да се гради во 2014 година и требаше да биде готов до февруари следната година. Но до сега е направен само половина.
Извор: ТВ 24