Гравот е едногодишно растение од фамилијата Fabaceae, со големо видово разнообразие, од кои околу 15 се култивирани. Најраспространет е обичниот грав (лат. Phaseolus vulgaris), кој се дели на два подвида: висок (веткач) и низок (легач).
Според формата на семето, постојат пет вида: sphericus, elipticus, oblongus, compresus, subcompresus. Потекнува од Јужна Америка. Топлољубиво растение за кое оптималната температура за одгледување е 20 – 22 степени целзиусови. Се одгледува главно заради зрелото зрно (семето), кое има висока хранлива вредност.
Гравот има исклучителна енергетска вредност, а ги содржи и скоро сите есенцијални аминокиселини. Покрај тоа, содржи и лецитин, но и минерали како калиум, калциум, железо, фосфор, магнезиум, цинк и натриум. Претставува одличен извор на протеини, а за разлика од другите извори на протеини, гравот има многу малку масти, не содржи заситени масни киселини, ниту пак холестерол.
Исто така, гравот е и одличен извор на диетални влакна кои допринесуваат за создавање на чувството на ситост, притоа одржувајќи го стабилно нивото на шеќер во крвта. Гравот содржи и витамини и тоа фолна киселина, тиамин, пиридоксин (Б6), витамин К, рибофлавин (Б2), пантотенски киселини и ниацин (Б3).
Гравот докажано го намалува и ризикот од срцеви болести поради веќе споменатата ниска содржина на масти, и пред се на заситени и транс-масти.
Гравот изобилува и со фолна киселина која е исклучително важна за бремените жени, а поволно делува и на менталното здравје поради витаминот тиамин кој учествува во производството на енергија и во синтезата на ацетилколин, невротрансмитер за памтење.
Гравот го спречува брзото качување на шеќерот во крвта, го контролира притисокот и не дозволува нагли последици, односно нагли испади на здравјето. Затоа тие гравот топло се препорачува за сите дијабетичари.
Махунарките се богати со антиоксиданси, кои се борат против штетното дејство на слободните радикали во организмот, кои можат да предизвикаат рак. Најновото истражување докажало дека овој вид на зеленчук го намалува ризикот од појава на рак на дојка и го намалува растот и ширењето на туморот. Докажано е дека гравот делува лековито и при рак на дебело црево и рак на простата.