Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, го прими во посета амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македонија, Арне Санес Бјорнстад.
Премиерот Заев и амбасадорот Бјорнстад разговараа за актуелни теми поврзани со изборниот процес, за спроведувањето на реформите утврдени во програмата на владата и во планот 3-6-9, како и за тековните активности во процесот за членство на Република Македонија во НАТО.
– Владата и надлежните институции ќе имаат пристап на нула толеранција за евентуални обиди за прекршувања во изборниот процес, и никој не треба ниту да помисли да си поигрува со волјата на гласачите – изјави премиерот Заев на средбата со норвешкиот амбасадор.
Владата на Република Македонија, истакна премиерот, создаде услови за слободни и демократски избори во кои граѓаните слободно и без притисок ќе ги исполнат своето избирачко право.
Амбасадорот Бјорнстад во разговорот со премиерот Заев истакна дека Норвешка со задоволство го следи позитивниот развој во остварување на реформите во Република Македонија и изрази надеж дека тие ќе продолжат со најавената динамика.
Премиерот Заев го увери амбасадорот дека предвидената стратегија за реформи и нивното остварување е од важност, како за градење на демократскиот амбиент во земјата така и заради постигнување на стандардите за членство на нашата земја во ЕУ и НАТО.
Во однос на остварување на потцртаните обврски на Република Македонија за членство во НАТО, премиерот Заев го информираше амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македонија дека земјата со засилен интензитет работи да ги исполни сите услови и дека во наредните години ќе се зголемува и ставката на буџетот за АРМ, согласно со стандардите на алијансата.
Во насока на исполнување на НАТО стандардите, со дипломатските активности на меѓународен план, особено во односите со соседите и со земјите во регионот, Република Македонија покажа дека е посветена на унапредување на регионалната соработка и на добрососедските односи. Со проактивната улога и со позитивниот пристап се остваруваат резултати со кои се решаваат многу отворени прашања.
Извор: www.tocka.com.mk