Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска имаше средба со граѓани во Општина Пласница. Од ова место, претседателот Заев упати порака дека само со сплотени граѓани Македонија ќе оди напред и може да се врати животот во секоја општина, за сите.
Тој побара поддршка за концептот едно општество за сите и нагласи дека заврши времето на поделбите, граѓаните се сплотуваат за живот во Македонија.
„Со новата локална власт примарно и најважно, ќе го решиме прашањето за чиста и здрава вода за пиење во Општина Пласница. Заедно, општината и Владата ќе ги обновиме регионалните патишта. Патот што се пробива кон Крушево сега се прави од ваши пари. Не го прави општината. Ветувам дека ќе обезбедиме асфалт за потребните девет километри и ќе ја отвориме Пласница да живее и да биде поврзана општина. Целосно ќе ја подобриме мрежата за меѓуселски и селски патишта. Ќе има полесна пристапност и подобрување на сообраќајот внатре во Пласница и од Пласница насекаде помеѓу другите населени места. Активно ќе ја поддржуваме општината да се стават во сила плановите за локален економски развој. Конечна цел мора да ни биде да отвораме фабрики овде, да има производствени погони за да се вработуваат младите“, порача претседателот Заев од Пласница.
Претседателот Заев побара поддршка од граѓаните на Пласница за кандидатот за градоначалник Шпресим Ајроски и советничката листа на СДСМ и коалицијата и нагласи дека тој, Владата и парламентарното мнозинство, ќе сторат се, оваа општина да биде гордост за цела наша земја.