Верниот сојузник на Никола Груевски, „кока-колата“ на македонската политичка сцена Амди Бајрам изјави дека го прибрал неговиот син Елвис, на домашно лекување, бидејќи се плашел дека ќе биде отруен. Се поставува прашањето од кога тоа Амди војвода ја изгуби довербата во македонското здравство? Зарем додека Груевски беше на власт, г-нот Бајрам изјави нешто против болниците и состојбите во нив? Ниту збор. Инаку докторите во времето на Тодоров и сега во времето на Таравари се истите, условите во кои работат се истите, речиси ништо не е променето, освен министерот.
Овој индиректен напад на Амди Бајрам врз докторите и целата болница „8 септември“ ќе помине како дел од политичката „војна“, која се води пред секои избори во нашата земја, но има еден многу тенок момент. Сосема во ред е господинот Бајрам да реагира емоционално, сепак се работи за вооружен напад врз неговиот син. Сосема во ред е да ги обвинува за нападот неговите политички ривали, но не е во ред кога во борбата се замешат имињата и на трети лица кои немаат никаква врска со политичките превирања пред и по избори.
Г-не Амди, или ако сакате да Ви се обратам со војводо, кога ќе изјавите во јавност дека сте го прибрале синот од болница, бидејќи сте се плашеле дека ќе го отрујат таму, Вие ги навредувате сите вработени во таа болница, од хигиеничарите до врвните доктори. Не е ОК. Силно се надевам дека откако ќе Ви помине шокот од немилиот настан со вашиот син, ќе најдете време да им се извините на тие луѓе.
За да нема забуни, дека фаќаме страна или пак ве напаѓаме Вас. Слободно тужете го министерот Спасовски, тужете го и министерот Таравари, оти нели сега во болниците можат и да те отрујат, ако си против власта. Тужете ги главните фацки, но не се осудувајте индиректно да ги напаѓате и навредувате вработените во македонските болници. Да некои од нив не се цвеќе за мирисање, ама повеќето си ја вршат совесно својата работа и покрај се успеваат да спасуваат животи. Има уште многу работа за состојбата во нашето здравство да се подобри. Таму треба да се насочат критиките, кон тие кои менаџираат со проблемите, а не кон тие кои секој ден се борат за нашето здравје.
Пишува: Батко Тане