Владата на Турција сака нормализација на влошените односи со Германија, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу во интервју за магазинот „Шпигел“.
„Нема основа за проблеми меѓу Германија и Турција. Ако вие направите еден чекор кон нас, ние ќе направиме два кон вас“, изјави Чавушоглу за германскиот весник.
Тој нагласи и дека Анкара е подготвена за соработка со лидерот на германските Зелени, Џем Оздемир, кој доколу неговата партија влезе во новата Влада на Германија, најверојатно ќе добие министерска позиција, при што се споменува дури и местото шеф на дипломатијата. Оздемир е со турско потекло и важи за еден од најжестоките критичари на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган.
Но, и покрај повикот за нормализација на односите со Германија, Чавушоглу во интервјуто застана во одбрана на острите изјави на Ердоган, со кои тој ги нарече актуелните германски лидери нацисти. Минатата недела и турскиот премиер Бинали Јилдирим повика на отворање „ново поглавје“ во односите меѓу Турција и Германија. Односите меѓу Анкара и Берлин се влошија последнава година по обвинувањата на германските власти дека Ердоган врши политички чистки во земјата.
Извор: www.newsroom.mk