7.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Тактичка вежба на АРМ на полигонот Криволак

Армијата на Република Македонија со изведба на тактичка вежба со боево гаѓање „Засилен механизиран пешадиски баталјон во напад“ што се одржа денеска на армискиот полигон Криволак, го прикажа нивото на обученост и извежбаност на своите припадници во извршување на офанзивни операции на поголеми здружени состави од повеќе нејзини единици.

– Приказот на мерките и процедурите во извршување на борбените постапки во сложени услови на воиштето, со употреба на голема огнена моќ ја претстави подготвеноста на АРМ за исполнување на уставната мисија за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет, но и за сите предизвици кои се очекуваат од НАТО предводените операции, се вели во соопштението од Армијата на Република Македонија.

На вежбата присуствувал и претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Армијата, Ѓорге Иванов, кој во обраќањето пред припадниците на АРМ оддал признание за професионалното однесување, високата мотивираност, покажаните вештини и обученост не само за беспрекорно изведената вежба, туку и за сите ангажирања на припадниците на АРМ во справувањето со елементарните непогоди.

– Како Врховен командант секогаш сум настојувал да го добиете она што ви припаѓа. Вам ви се неопходни современи услови и современи средства за војување и спротивставување со предизвици кои се доминантни во 21 век. Посакувам и во иднина сето ова знаење и сите овие вештини да ги користите за да ја оправдате довербата која во вас ја имаат македонските граѓани, кои немаат можност ова да го видат, но ве гледаат кога помагате и се соочувате со елементарни непогоди, кога им помагате при поплави и пожари. Затоа, таа доверба кон вас е толку голема, порача македонскиот претседател.

На тактичката вежба со боево гаѓање учествуваа повеќе од 800 припадници на АРМ во јачина на механизиран пешадиски баталјон од 1. мпбр, засилен со други единици од бригадата, полкот за специјални операции и воздухопловната бригада.

Согласно сценариото тие прикажале синхронизирани постапки во справување со терористичка група со употреба на огнена подготовка од повеќе видови на артилериски орудија и хеликоптерите МИ 17, потиснување на непријателот, уфрлување на тимови од специјалните единици за неутрализирање на раководни старешини, но и евакуација на повредени и други постапки.

На гаѓањето покрај највисоките воени авторитети, претседателот на Република Македонија и Врховен командант на армијата, Ѓорге Иванов, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, генералите во АРМ, присуствуваа пензионирани генерали, команданти на единиците во АРМ, асоцијацијата на воени аташеи, НАТО советодавниот тим и голем број други поканети гости.

Извор: А1 On

поврзани објави

Последни објави