Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали прогнозата за економскиот раст на Македонија. Стопанските активности годинава треба да се зголемат за 2.5%, а не за 3.4% како што беше проектирано во април. Намалени се очекувањата и за следната година, од 3.4% на 3.2%.
Според најновиот, октомвриски извештај на ММФ најголем раст во регионот треба да има Турција (11.1%), потоа Косово (4.4%), и Црна Гора (3.2%). Меѓу послабите е Македонија со скромни 2.3%, а под неа Бугарија со 1.9%, Босна 0.9% и последна е Хрватска, која годината треба да ја заврши со негатива од 0.3%.
За Македонија ММФ проектира и зголемен дефицит на тековната сметка и оваа и во следните години. За 2017-та тој ќе достигне 2.3%, за 2018-та 2.5%, а за 2022-та дури 3.1%.
Во најновиот извештај на ММФ е наведено дека годинава инфлацијата ќе достигне 1.7%.
ММФ ја зголеми проекцијата за раст на глобалната економија за 0.1 процентен поен и за оваа и за следната година. Очекувањата се дека вкупните економски активности во светот ќе се зголемат за 3.6% во 2017-та и за 3.7% во 2018-та.
„Сепак закрепнувањето не е комплетно: додека во основа има зајакнување, растот останува слаб во многу земји. Истовремено инфлацијата останува под таргетите во повеќето развиени економии“ се наведува во октомврискиот извештај Глобални економски изгледи.
Инаку ММФ лани, по 21 година го повлече својот овластен претставник во земјава, но канцеларијата во Скопје и натаму функционира.
„Минатата година одлучивме да го прекинеме мандатот на овластениот претставник во Македонија, но тоа не значи дека ‘се откажуваме’ од земјата. Токму спротивното, ММФ е активен во Македонија и одблизу ја следи ситуацијата“ изјави неодамна во интервју за БИРН Џесмин Раман, шефица на канцеларијата во Скопје.
Извор: Денар