Комбинатот Југохром започнува со работа од почетокот на јуни, а дотогаш се очекува да бидат поставени филтрите на пречките 7 и 8. Денес беше потпишан меморандум за разбирање од страна на Владата на Република Македонија, менаџментот и синдикатот на фабриката. Тој ги содржи обврските на сите три страни, а се гарантира индината на комбинатот, заштита на животната средина и правна сигурност на инвеститорот.
Во моментот сите вработени во комбинатот се под завод за вработување, а по поставувањето на филтрите, фабриката ќе продолжи со производство, а вработените ќе се вратат на своите работни места.
„Владата со меморандумот зема обврска, дека ќе обезбеди правна сигурност инвеститорот да ги добие сите овластувања, а ние во кратки рокови да одговориме, тоа му е потребно на секој инвеститор. Југохром не е единствен загадувач, не гарантираме идеално чист воздух, но тоа што го партиципираше Југохром, ќе биде елиминирано“, рече вицепремиерот Анѓушев.
Поставувањето на филтрите ќе чини околу 12 милиони евра. Фабриката запре со работа на 2ри ноември минатата година, бидејќи не беше испочитуван рокот за изградба на систем за отпрашување.