Излезноста до 10 часот според податоците добиени од општинските изборни комисии (ОИК) на територијата на Македонија е 8,98 отсто, соопшти на денешната прес-конференција портпаролот на ДИК Љупка Гугучевска.
По општини најмала излезност е забележана во Врапчиште 3,51 отсто, а најголема во Демир Капија од 19,15 отсто.
На територија на Град Скопје излезноста изнесува 9,56 отсто.
– На сите 3.480 избирачки места гласањето е започнато и тече без неправилности. На некои места има доцнење од најмногу половина час од причина што избирачките одбори работеле на отстранување на пропаганден материјал, рече Гугучевска.
Таа нагласи дека ДИК има воспоставено кол-центар кој е во постојана комуникација со сите ОИК. Досега нема податоци за инциденти на избирачки места.
Следната прес-конференција ДИК ќе ја одржи во 14:00 часот.
Извор: Макфакс