Новата коалиција која ја потпишаа партиите БЕСА и Алијансата на Албанците, како што тврдат тие е со цел за поголем успех на нивните кандидати во вториот круг на локалните избори. АнА на вториот круг од локалните избори ќе излезе со 5 кандидати, додека БЕСА со 7.
„Постигнавме договор, БЕСА и Алијансата заедно да настапат во вториот круг од локалните избори и ќе ги поддржиме во 5 општини, а тие нас во 7. Тоа ќе бидат кандидати на коалицијата“, ијави Африм Гаши од БЕСА.
„Сметаме дека не е време да зборуваме за пречките кои го оневозможија тоа коалицирање во првиот круг и треба да се осврнеме кон иднината“, вели Елми Азири од Алијанса на Албанците.
Очекувањата се оваа коалиција да биде вистинска заплаха за ДУИ во општините каде има албанско население. Од ДУИ велат дека очекуваат високи резултати од вториот круг на нивните кандидати.
„ДУИ е победничка албанска партија на овие избори. Коалициите се прават врз основа на програмските заложби, а не за зачувување на фотелји“, изјави Бујар Османи од ДУИ.
ДУИ во првиот круг освои две градоначалнички места, а излезе со 17 кандидати. Во втор круг ќе одат во Тетово со Теута Арифи, против Билал Касами од БЕСА, во Гостивар меѓу Невзет Бејта од ДУИ и Арбен Таравари од АнА и трката за Струга меѓу Зијадин Села и Рамиз Мерко од ДУИ.