Најмногу дожд во изминатите девет часа наврнало во Охрид каде се измерени 15 литри на метар квадратен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи во извештајот од 17:30 часот.
Во Прилеп наврнале 13, во Лазарополе девет, во Тополчани осум, во Маврово и Штип седум, во Гевгелија шест, а во Струмица и Скопје-Зајчев Рид четири литри на метар квадратен. Во Скопје-Петровец, Крива Паланка и Тетово наврнале три, а во Претор и Пожаране два литра на метар квадратен.
Како што информира УХМР, времето денеска е претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне на места врнежите беа поројни и пообилни, локално проследени со грмежи и засилен ветер. Дуваше умерен до засилен јужен ветер, кој во Штип достигнуваше брзина над 60, а во Пелагонија над 70 километри на час.
До крајот на денот времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. На места врнежите ќе бидат пообилни, локално и поројни проследени со грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а истовремено ќе го засили интензитетот. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во текот на ноќта на планините врнежите ќе поминуваат во снег.