3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Тази дупка не е дупка

Во материјал со наслов „Дупката во буџетот ќе се крпи со повисоки даноци и придонеси?“ DW на македонски јазик ги најави следните крути мерки, кои треба да бидат преземени од Владата за да се среди буџетот на државата (овде). Најлесно е така, за да се закрпиш, крени ги даноците и придонесите. Удри по тие кои сакаат, можат и знаат како да заработат повеќе. Тие сами си се криви што не го сфаќаат вработувањето под државна капа како најголем дострел во нивните кариери. Македонската килава индустрија ќе го издржи и тоа. Некои од газдите можеби ќе се одлучат со одредени финти да го избегнат плаќањето на повисоките давачки. Други пак ќе отпуштат работници, трети директно ќе си го побарат спасот во „сивата“ економија. На крајот есапот ќе покаже дека подебелиот крај на стапот го „пробал“ работникот. Ќе го „јадат“ мангите кои не се под буџет и не се под директна контрола на државната машина.

Јасно е кој е крив за дупката во буџетот, се знае дека тоа не може да биде никој друг освен претходната власт. Секогаш другите се тие недомаќините, а вие сте тие кои треба да им ги средувате есапите. Јас само се прашувам дали во мерките кои ги предвидува новата владејачка гарнитура освен покачувањето на давачките (даноци и придонеси), ќе се направи нешто и за намалување на бројот на вработените во јавниот сектор. Според годишниот извештај на Министерството за информатичко општество и администрација во јавниот сектор се вработени 129, 653 лица (овде). Солидна бројка нели?! Се разбира јас не тврдам дека во овој сектор има превработеност, дури мислам дека за земја која е погодена од „белата“ чума, бројот на вработените под буџет и тоа како треба да се зголеми. Медиумите блиски до сегашните управувачи, во еден период оперираа со бројки од 600 илјади иселени лица (според цитирани податоци на Светката банка). Излезот од ситуацијата е јасен, за да не се остават на цедило сите кои се под државна капа, даноците треба да се покачат. Придонесите исто. Ако не ви се допаѓа, барајте си го чарето надвор со бугарски пасош во џеб. Светите крави никој нема да ги чепка, бидејќи тие се добро и предвидливо гласачко тело. Тие имаат што да губат, за разлика од оние кои се во приватниот сектор. Фирми колку сакаш ќе најдеш, ама државната цицка е една и лесно не се пушта.

Пишува: Батко Тане

поврзани објави

Последни објави